Јаневска: Без силен придонес од високото образование, не може да се решат главните предизвици на современите општества
Високото образование треба да обезбеди нашите општества да се развиваат и управуваат врз основа на фактичко знаење, како и на расудување и творечко размислување. Вакви универзитети се цел на сите нас во регионот, порача министерката за образование и наука Весна Јаневска на отворањето на дводневната конференција „Мостови кон иднината: Интернационализација на високото образование на Западен Балкан и Југоисточна Европа“ во Скопје, која МОН ја организира во партнерство со Регионалниот совет за соработка и Светската банка.
Таа посочи дека крупните геополитички промени што се случуваат ја јакнат свеста во мали држави како нашата дека образованието е нашата најсигурна инвестиција и дека иднината на нашите економии, нивната одржливост и отпорност зависи од нашата решеност и умеење да направиме квалитетно високо образование.
-Без силен придонес од високообразовната заедница преку истражувања, учење и настава, општествено влијание, иновации и трансфер на технологии, не може да се решат главните предизвици на современите општества, вклучително и оние кои се однесуваат на целите на Обединетите нации за одржлив развој, опстанокот на нашата планета, прашањата за војната и мирот, демократијата и заедничкиот живот. Според Универзитетската повелба 2020, универзитетите имаат одговорност да се вклучат и да одговаараат на актуелните прашања, придонесувајќи за добробит на човештвото и за одржливост. Високото образование треба да обезбеди нашите општества да се развиваат и управуваат врз основа на фактичко знаење, како и на расудување и творечко размислување. Вакви универзитети се цел на сите нас во регионот, истакна Јаневска нагласувајќи дека во таа насока клучна е интернационализацијата на високото образование затоа што размената носи и иновации преку заеднички проекти и партнерства, отворајќи пристап до знаење, технологии и финансирање.
Како што рече, интернационализацијата е неодминлив механизам што им овозможува на студентите да стекнат поголеми дигитални и зелени вештини, а како држави да нè придвижи кон иновации што отвораат нови работни места и како регион да нè направи поконкурентни на европскиот и глобалниот пазар.
-Во следниот период ни претстои интензивна работа со цел продлабочување на меѓусебната соработка и градење институционални капацитети, како обезбедување еднаков пристап за сите студенти и наставници до заедничките образовни добра. Но, предизвиците се бројни. Универзитетите и државите имаат ограничени средства за програми за мобилност, за истражувачки проекти и инфраструктура. Недостигот од стабилно финансирање ја прави интернационализацијата зависна од донации наместо од долгорочна стратегија. На овој план, како држава, Република Македонија во последнава година и половина направи крупен исчекор. Ги зголемивме вложувањата во високото образование и науката, а цврсто сме решени буџетските средства за оваа намена и во следните години да растат, посочи Јаневска.
Растот на соработката, рече таа, зависи и од бирократските процедури, институционалниот капацитет како и усогласеноста со европските стандарди, а најголемата бариера, како што рече, останува стравувањето дека мобилноста ќе ни одземе од и онака осиромашениот академски и научен корпус и дека највредните студенти, најплодните професори и најпосветените истражувачи ќе заминат и нема да се вратат.
-Нашата умешност треба да ја покажеме во обезбедувањето механизми за претворање на „одливот на мозоци“ во „циркулација на мозоци“. Не е целта да спречиме мобилност, туку да ја претвориме во процес во кој студентите и професорите заминуваат, но се враќаат со нови знаења, контакти и идеи. Така, интернационализацијата станува пристап што не ја осиромашува нашата академска заедница, туку ја збогатува и ја прави поконкурентна, истовремено поттикнувајќи иновации и развој на државите. И што е исто толку важно, гледано од аспект на учесниците во академската размена – таа мора да остане достапна за сите, а не само за оние со финансиски можности. Не смееме да дозволиме студенти и наставници да се вреднуваат надвор од академските критериуми и поради тоа да бидат исклучени. Финансискиот момент не смее да биде одлучувачки ниту за универзитетите и тие да ја гледаат интернационализацијата само како начин за привлекување странски студенти заради приходи. Таа е и ќе биде средство за подобрување на високото образование и за размена на знаење, нагласи министерката за образование и наука.
Обраќањето Јаневска го заврши со порака дека меѓународната соработка во високото образование треба да остане инклузивна и фокусирана на квалитет.
Ккао што рече, очекува дискусиите од дводневната конференција „да помогнат да го позиционираме Западен Балкан во рамките на пошироките европски и глобални мрежи за високо образование“ и е уверена, рече, дека „ќе дојдеме до применливи чекори што ќе ги насочат нашите реформи кон модернизација на наставата, унапредување на истражувањата и создавање инклузивни услови за студентите и професорите, со цел да изградиме конкурентен и препознатлив регионален академски простор“.
