Андоновски: Опозицијата неаргументирано обвинува, но граѓаните ја гледаат и ценат работата на Владата

Опозицијата е лицемерна, манипулира и неаргументирано ја обвинува власта дека е изолирана поради тоа што не ги прифаќа ултиматумите на патот за членство во ЕУ, за наводен договор за прием на мигранти од Велика Британија, оти тешко се справува со кризата предизвикана од случувањата на Блискиот Исток, како и дека не работи за интересите за граѓаните, смета министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски. Но, како што вели, реалноста е поинаква и неа ја гледаат граѓаните кои постојано и даваат поддршка на Владата, што, според него се гледа и од последните анкети.

– Пред тргнувањето за Брисел коментарите беа дека ВМРО-ДПМНЕ е изолирана партија, Владата изолирана, ја води државата кон целосна изолација. Јас бев обвинуван, се сеќавам, не сме дел од пакетот за роаминг затоа што сме биле изолирани. Ете Албанија не претркала. Големи експоненти на СДСМ тоа пишуваа Фејсбук статуси. Во моментот кога бевме присутни во Брисел, читам повторно Фејсбук статуси, тие отидоа да се прошетаат што бараат во Брисел, што бараат во Европската народна партија, и во исто време зошто не прифаќаат се што Бугарија побарала, а нивната претходна влада прифатила. Иако и тогаш велевме, немојте нема потреба, останете цврсти на ставот којшто поминал, и резолуции, и декларации во македонското Собрание, и дајте заедно да најдеме решение коешто решение ќе значи гаранција дека нашите национални интереси ќе бидат сочувани, вели Андоновски.

Додава дека тоа покажува зошто СДСМ не може да биде патриотска партија и покажува зошто СДСМ се соочува со истребување, кое како што нагласува, не е предизвикано од ВМРО-ДПМНЕ, не е предизвикано од некои структури во институциите, туку се должи на неа самата и на нејзиното однесување.

– Таа е разјарена, затоа што не ги држи дури ни своите автохтони социјалдемократски корени на заштита на, да речеме, потомците на АСНОМ, заштитниците на асномска Македонија, ако сакате и комунистичката партија итн. Кога имате таква политичка партија којашто не внимава на корените, и којашто оди по амбасади, еве ќе одам и чекор понатаму, оди по амбасади и ветува дека ако дојдат тие во некоја проширена техничка, полутехничка влада, веднаш ќе прифатат се што се барања од ЕУ и дека не ги интересираат ниту гаранции, ниту ништо. Само процесот да почнал да се тркала според нив, а според нас ќе се тркала во еден затворен тунел од којшто не го знаеме излезот и нема да има никаков крај, вели Андоновски.

Смета дека доколку како партија и Влада се водат од позициите на опозицијата ќе завршат таму каде што завршиле тие во 2024 година, а тоа е на 18 пратеници, и тоа е, како што вели, на нула доверба од граѓаните.

– Уште потрагично за нив, а многу реалистично за нас, ако ги погледате анкетите коишто сега излегуваат овој период ќе видите дека СДСМ е на полоши гранки отколку што била во 2024 година, а ВМРО-ДПМНЕ ја зголемува својата предност затоа што ние се однесуваме онака како што граѓаните бараат од нас, дециден е министерот за дигитална трансформација.

Дека Владата е на добар пат во сите сфери, според Андоновски, говори фактот што добиваат честитки за она што го сработиле.

– И можеби како заклучок, како јас се чувствувам кога ќе отидам во овие држави. Знаете, прво нешто што кажувате, честитки за она што го правите во дигитализација, честитки за она што го правите во реформската агенда. Знаете имате проблем со Бугарија. Но кога ќе ви кажат честитки за првиот дел, ви кажуваат честитки дека нешто вие сте сработиле дома што порано не се случувало. Јас не сум добил коментар од нив заглавивте со законите, не сте спремни за дигитализација, немате нови услуги, не сте се развиле доволно, туку добивам коментар, одлични сте. Едни од најдобрите коишто се справуваат со прашањата коишто на сите им се интересни, со сите се занимаваат, имате проекти, работите во соработка со ЕУ, испорачувате резултати, имате проблем со Бугарија во однос на ова билатерално или не знам дали е билатерално поголемо прашање, вели Андоновски.

Тоа што земјава има добри резултати, нагласува, го прави горд, а пречката која е поставена на патот кон ЕУ нагласува, е пречка со којашто ќе се справуваат. – Ќе дискутираме како на ниво на еднакви за надминување и на оваа пречка, но и како да ги искористиме сите потенцијали коишто ЕУ ги нуди, потенцира министерот Андоновски.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content