Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Јован Јаулевски, денеска во Собранието порача дека изборот на нов државен јавен обвинител претставува клучен момент за иднината на правосудниот систем во Македонија.
Во своето обраќање, Јаулевски нагласи дека ова е тест дали институциите конечно ќе се ослободат од политички влијанија и ќе ја вратат довербата кај граѓаните. Тој оцени дека Јавното обвинителство со години не ја исполнувало својата улога, додавајќи дека наместо симбол на правичност, често било перципирано како инструмент за селективна правда и политички притисоци.
Јаулевски упати остри критики кон претходните власти, посочувајќи дека, како што рече, одредени структури во СДСМ и ДУИ придонеле за нарушување на интегритетот на обвинителството преку политички влијанија и злоупотреби.
Тој нагласи дека граѓаните очекуваат конкретни резултати, а не декларативни заложби, и дека довербата може да се врати само преку доследно почитување на законите и еднаков третман за сите.
Посебен осврт направи и на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), кое според него наместо да донесе правда, се претворило во „срамно разочарување“ и симбол на изневерена доверба.
Јаулевски истакна дека институциите имаат должност да се справат со последиците од работата на СЈО. Тој објасни дека тоа е важен чекор за да се покаже границата меѓу правото и злоупотребата на правото, дури и кога злоупотребата ја прави сам обвинител. Според него, целта е да се затвори едно лошо поглавје не со молчење, туку со ефикасно делување на институциите.
