Адвокатот Менкиновски тргнува во правна офанзива против Бугарија по 10-годишната забрана за влез

Адвокатот Тони Менкиновски најави правна иницијатива против одлуката на Бугарија, откако бугарските власти му изрекоа забрана за влез во земјата во траење од 10 години.
Во изјава за ТВ 24, Менкиновски соопшти дека од утре започнува, како што вели, легална и легитимна правна офанзива, која ќе се води пред домашните институции, но и пред релевантни меѓународни механизми за заштита на човековите права.

Според него, целта на иницијативата е да се заштити правото на одбрана и непречено вршење на адвокатската професија, откако одлуката на бугарските власти му забрани да влезе во земјата до 2036 година.

Менкиновски, кој е познат како адвокат што ги застапува Македонците од Бугарија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, тврди дека одлуката е донесена без конкретно образложение и без претходна правна постапка. Во документот што го добил на граница било наведено дека претставува „закана за националната безбедност“ на Бугарија.

По оваа одлука реагираше и Владата на Македонија, од каде порачаа дека државата ќе ги искористи сите механизми што ѝ стојат на располагање за заштита на македонските граѓани.

Во меѓувреме, поддршка за адвокатот пристигна и од Централниот совет на Македонците во Германија, кој побара реакција од Европската комисија и испитување дали станува збор за санкција со политичка позадина.

Случајот веќе отвори поширока дебата за правото на слободно вршење на адвокатската професија, заштитата на човековите права и односите меѓу Скопје и Софија, а се очекува правната постапка што ја најави Менкиновски да продолжи и пред европските институции.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content