Тридневен фестивалски викенд во Штип. Вчеравечер, денес и утревечер градот под исарот по јубилеен, 40ти пат е домаќин на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“, годинава со рекорден број на фестивалски вечери.
Организаторите на денешната прес-конференција истакнаа дека и оваа година на сцената во Центарот за култура „Ацо Шопов“ – Штип ќе се претстават нови, но и веќе познати изведувачи, а карактеристично е тоа што Макфест годинава има изведувачи и автори со над 50 години разлика.
Фестивалот, според организаторите, нема да има натпреварувачки карактер – нема да се избира победник, туку само ќе се додели признание за „најслушана песна“ според гласовите на публиката. Само вечерва на сцената ќе се слушнат 20 нови композиции, односно 6 дебитанти кои синоќа се пласираа за втората фестивалска вечер и уште 14 композиции кои претходно биле детерминирани, сите распоредени во четири блока.
Денешната вечер ќе биде посветена на искусните изведувачи, додека утре ќе се одржи големата гала вечер по повод 4 децении „Макфест“, со настапи на некои од најпознатите имиња од македонската музичка сцена. Водители на овој културен настан се Марјана Станојковска и Димитар Атанасовски. Фестивалот ќе додели и признаниа за најзаслужните во историјата на Макфест. Во Македонија 40 години во континуитет е многу тешко да се организира фестивал, но „Макфест“ ги издржа сите предизвици и сè уште го држи епитетот најдобар.
