На полноќ почнува изборниот молк. Полицијата в недела со мобилни тимови и дронови ќе се грижи за безбедноста на избирачките места за време на локалните избори во Македонија.
На 19 октомври, на денот на одржување на првиот круг од локалните избори, во близина на избирачките места и на клучните сообраќајни точки ќе има полициско присуство со цел зголемена ефикасност и навремено откривање на можни нарушувања на јавниот ред и мир.
– Безбедноста на граѓаните ќе биде гарантирана со стандардните материјално-технички средства, мобилни тимови и пунктови, а ќе се користи и современа технологија – дронови за воздушна контрола со цел побрза реакција и преземање соодветни мерки и активности во случај на инциденти“
Според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои се открива идентитетот на политички субјекти и/или поединци вклучени во инциденти или неправилности на денот на гласањето; како и изјави од кандидати во изборниот процес, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта. ДИК и денеска имаше седница на која се разгледуваа и приговори за гласање на болни и немоќни лица.
Во избирачкиот список пријавени се околу 9 илјади болни и изнемоштени лица кои ќе гласаат од дома. Покрај болните и изнемоштените утре гласаат и затворениците пријавени се 2.162, и 450 избирачи од домовите за стари лица.
За 8-те по ред локални избори во Избирачкиот список се запишани 1.832.415 избирачи. Од понеделник 20 октомври ќе почне кампања за оние општини каде што нема да биде избран градоначалник во првиот изборен круг.
