По двегодишна опсежна предистражна постапка, во текот на денешниот ден Управата за финансиска полиција спроведе акција во која беа извршени претреси на повеќе локации на подрачјето на општините Липково, Куманово и Желино.
Се работи за сложена предистрага, која опфаќа повеќе правни и физички лица, а целта е целосно разоткривање на криминална група, која дејстувала подолг временски период и имала цел вршење на кривичните дела Злосторничко здружување, Даночно затајување, Даночна измама и Перење пари и други приноси од казниво дело, со намера организаторите и припадниците на групата да стекнат противправна имотна корист во висина од над 430 милиони денари, со што е предизвикана огромна штета на буџетот на Република Македонија.
По налог на јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, во акцијата со асистенција на САЕ „Тигар“ од слобода се лишени 7 лица и тие се изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд, а едно лице не е достапно на органите на прогонот.
