Ѓорѓиевски за механизацијата за Комунална хигиена: Една од најзначајните инвестиции во последните десетина, можеби и 15 години
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, нагласувајќи дека изминатите две години како локални самоуправи имаат силна поддршка од Владата, но и од СБ, истакна дека проектите се од различен карактер, инфраструктурни, како и проекти кои директно влијаат врз квалитетот на животот.
-Една од најзначајните инвестиции во последните десетина можеби и 15 години е набавката на механизација за комунална хигиена за Град Скопје, како и за останатите општини во државата, особено во делот на одлагањето отпадот, рече скопскиот градоначаник.
Нагласувајќи дека една од клучните теми на денешната работилница е урбаната мобилност и одржливиот транспорт – не само во Скопје, туку и во останатите градови и општини ширум Македонија, Ѓорѓиевски истакна дека за главниот град особено значаен е проектот БРТ, кој, како што рече, го откочиле, добиле поддршка од Владата и веќе се подготвуваат за започнување на прелиминарната фаза.
Овој проект, додаде градоначалникот, суштински ќе влијае врз мобилноста во градот, под што подразбирам брз проток на сообраќајот.
Во следните три до четири години, најави тој, треба да изградиме современа велосипедска инфраструктура. Во сите проекти што ги реализираат, вклучително и проектот „Булевар Македонија“ (познат во јавноста како „Лимак“), истакна Ѓорѓиевски, како и во други проекти кои повеќе децении биле во една фаза на хибернација посебен акцент ставаат на мобилноста, велосипедските патеки, пешачките зони и алтернативните начини на движење на граѓаните.
-Во таа насока ќе продолжиме да инвестираме. Очекувам силна поддршка од Министерството за транспорт, со кое имаме одлична соработка, како и од Светската банка. Денес зборувам во име на сите општини. Убеден сум дека имаме многу заеднички проекти со кои сите ќе се гордееме и кои ќе бидат во интерес на граѓаните – рече Ѓорѓиевски.
