„На средбата беше изразено заедничко задоволство од одличните политички односи, кои се темелат на меѓусебна почит, доверба и искрено пријателство меѓу двата народа. Разговаравме за можностите за дополнително продлабочување на економската соработка, зголемување на трговската размена, нови инвестиции, како и за унапредување на соработката во областа на инфраструктурата, енергетиката, туризмот, образованието и одбраната“, се наведува во објавата на Мицкоски.
Премиерот посочува дека ја нагласил важноста на Турција како значаен економски и политички партнер, истакнувајќи дека Владата останува посветена на создавање поволна и предвидлива деловна клима за нови турски инвестиции и отворање нови работни места.
„Претседателот Ердоган ја потврди поддршката на Турција за развојот и просперитетот на Македонија, како и подготвеноста за понатамошно зајакнување на билатералните односи во сите области од заемен интерес. Во рамки на разговорите беа разменети мислења и за актуелните регионални и меѓународни предизвици, при што беше нагласена потребата од стабилност, соработка и економски развој на регионот. Изразивме уверување дека односите меѓу двете пријателски држави ќе продолжат да се развиваат со уште посилна динамика во периодот што следува“; се наведува во информацијата.
