Стерјовски: Усвојувањето на нашата резолуција од ЕФА е голем историски ден за Македонците во Албанија
„Со усвоената Резолуција, ЕФА, јасно, бара од албанските власти целосно да ги гарантираат и спроведат правата на Македонците во Албанија, да обезбедат образование на македонски јазик, праведно политичко претставување и рамномерен развој на регионите населени со Македонци“, стои во објавата на Стерјовски на Фејсбук.
Воедно, додава тој, резолуцијата ја осудува политиката на негирање и асимилација на Македонците во Албанија преку надворешни политички притисоци од страна на Бугарија и ја повикува Европската комисија да покрене истрага за состојбата со македонското малцинство во Албанија.
Според Стерјовски, оваа поддршка од европското семејство на малцинствата и народите, претставува силна порака дека Европа се гради врз почитување на различностите, правото на самоидентификација и заштитата на човековите права.
Тој упати благодарност до сите партии-членки на ЕФА за нивната едногласна поддршка и солидарност со македонската заедница во Албанија.
„Нашата борба продолжува, смело, достоинствено и гордо. Ќе продолжиме да се залагаме за правата на Македонците во Албанија, уверени дека вистината, правдата и европските вредности ќе победат. Гласот на Македонците од Албанија се слуша во Европа“, напиша Стерјовски.
Во своето обраќање пред делегатите меѓу другото рече дека Македонците во Албанија се автохтона заедница со вековни корени во Преспа, Голо Брдо, Гора, Поле и Врбник.
„Ние го зачувавме нашиот јазик, традиции и идентитет низ тешки историски периоди. Сепак, и покрај формалното признавање, многу од нашите права остануваат само делумно спроведени“, нагласи Стерјовски.
Тој посочи дека процесот на проширување на Европската Унија треба да биде алатка за промоција на демократијата и заштита на правата и оти никогаш не смее да стане механизам преку кој се оспоруваат малцинските идентитети или преку кој човековите права се условуваат со политички интереси.
Европската слободна алијанса (ЕФА), европското политичко семејство кое ги претставува народите, регионите и малцинствата во Европскиот парламент, Генералното собрание го одржува во Гандија, Шпанија. МАЕИ во 2024 година стана полноправна членка на ЕФА.
