Партнерства на јавниот со приватниот сектор, ваучери за децата од ранливи семејства – дел од моделите за проширување на опфатот на деца во градинките
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, заменик министерот Ѓоко Велковски, претставничката на УНИЦЕФ, Лесли Милер, ги изнесоа клучните пораки за системско зајакнување на предучилишното образование и грижа и проширување на опфатот на децата во предучилишно воспитание и образование.
На конференцијата насловена – „Ран почеток, трајни придобивки – градинка за секое дете!“, беа презентирани наоди и препораки од анализата за иновативни модели на финансирање на предучилишното воспитание и грижа.
Македонија може да го забрза проширувањето на пристапот до градинка ако ги искомбинира јавните инвестиции со поддршка на приватните градинки и работодавачите, при што ќе обезбедат финансиски достапни и инклузивни услуги, покажува новата анализа поддржана од УНИЦЕФ која беше претставена денеска.
Наодите истакнуваат итност, но и можности во ситуацијата: повеќе од 79.000 деца на возраст од 0 до 6 години не се запишани во некој облик на градинка, а за да се постигне националната цел од 65 проценти запишани деца во градинка до 2032 година, потребни се околу 19.000 дополнителни места.
Побарувачката веќе ја надминува понудата, па така, во 2025 година имало речиси 5.000 деца на листите на чекање. Опфатот по општини значително варира, од висок процент на запишани деца во одредени подрачја, до помалку од 10 проценти или никаков упис во други. Најранливите деца, како децата Роми, децата со попреченост и оние што живеат во сиромаштија, и понатаму имаат најмал пристап до ваквите услуги.
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани истакна дека Министерството работи на проширување на капацитетите преку изградба и реконструкција, но и модели на згрижување како што се групи за згрижување деца во други просторни услови и центри за ран детски развој. А во насока на поголем пристап до предучилишно образование и поддршка на приватните даватели на услуги.
-Во соработка со проектот на Светска банка за подобрување на социјалните услуги и со УНИЦЕФ, ќе предложиме модел за ваучери со кои децата од ранливи семејства и децата кои се на листи на чекање би можеле да добијат можност за запишување во приватни градинки. Овој пристап, доколку покаже добри резултати во практиката, може да стане трајна политика која ќе придонесе за побрзо зголемување на опфатот, рече министерот Лимани.
Во своето обраќање пред присутните, претставничката на УНИЦЕФ, Лесли Милер истакна:
„Образованието и грижата во раното детство се меѓу најважните инвестиции во детскиот развој, подготвеноста на децата за школување и долгорочниот човечки капитал. Зголемувањето на бројот на места во градинките е од суштинско значење, но ќе даде резултати само ако пристапот е рамноправен, инклузивен, финансиски достапен и со добар квалитет. Ако не осмислиме систем што ќе ги опфати најранливите деца, постои ризик да ги продлабочиме токму тие нееднаквости што се обидуваме да ги намалиме. Целта не е само повеќе места во градинките, туку подобри можности за секое дете, во секоја заедница.“
