СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Култура

Зимскиот распуст да трае два месеци или три месеци да се учи онлајн

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) денеска на својот Фејсбук-профил објави дека Владата и Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) треба заедно да изнајдат прифатливо решение за надминување или ублажување на енергетската криза во училиштата.

Наставата од далечина не е прифатлива опција на најзасегнатите: учениците, родителите и наставниците, наведува СОНК.

Портпаролот на Владата Душко Арсовски вчера нагласи дека во интерес на учениците е настава со физичко присуство и додаде дека нема промена во начинот на нејзината реализација. Владата, како што рече, за справување со предизвиците од енергетската криза е во комуникација со сите засегнати страни преку Министерството за образование и наука.

Одговарајќи на новинарско прашање за барањето на дел од општините за продолжување на зимскиот распуст на учениците заради штедење струја и огрев и колку се оправдани барањата дел од трошоците и субвенциите да ги покрива Владата, Арсовски рече дека на последната седница на Владата немало дискусија за тоа.

„На последната седница на Владата немаше дискусија во однос на ова прашање. Владата останува посветена во надминување на предизвиците предизвикани од енергетската криза и е во комуникација со сите засегнати страни преку Министерството за образование и наука“, рече портпаролот Арсовски, дополнувајќи дека нема промена во начинот на реализација на наставата со физичко присуство во основните и средните училишта.

Организирањето во смисла на трошоците за загревање на училиштата, дополни владиниот портпарол, е во рамки на надлежностите на општините односно на локалната самоуправа и за тоа од Министерството за образование и наука се исплаќаат дотации до општините.

Така што, потенцираше Арсовски, важно е да се каже дека тие се одговорни и во интерес на учениците е физичко присуство на наставата.
Градоначалниците од Полошкиот регион во вторникот побараа од Министерството за образование и наука да има поголем распуст или онлајн настава за учениците со цел училиштата да немаат високи трошоци за затоплување на училниците и просториите. За ова се разговараше на седницата на Советот за развој на Полошкиот плански регион, а идејата доаѓа од градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари, кој пред неколку недели ја спомена можноста во изјава за медиумите.

„Бидејќи сметките за електрична енергија се повисоки од минатата година одлучивме како идеја да дадеме зимскиот распуст за децата да трае два месеци – декември и јануари или јануари и февруари, така децата потоа преку лето да имаат пократок распуст и учебната година да трае до 30 јуни и потоа да почнат на 15 август со новата учебна година. Или евентуално трите месеци декември, јануари и февруари да бидат онлајн. Ние сме горе-долу дигитализирани, имаме добри искуства во време на пандемијата и зошто сега повторно, во насока на заштеда на електрична енергија, да не се одржи онлајн настава. Ќе треба поддршка од Министерството и ЗЕЛС, а нас не поддржуваат и други градоначалници“, изјави Таравари.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Прочитај повеќе:
Close
Back to top button
Skip to content