Стефан Богоев доби 30-дневен притвор!

Кривичниот суд определи 30-дневен притвор за поранешниот директор на Царинската управа, Стефан Богоев и уште три оосмничени лица, на барање на Обвинителството.

Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, како што оттаму соопштија вечерва, постапувајќи по предлог на ОЈО ГОКК за определување мерка против 4 лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривични дела Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, Примање награда за противзаконито влијание и Давање награда за противзаконито влијание, а кои попладнево беа спроведени во судот, по нивно произнесување во присуство на бранител, донесе решенија со кои: Предлогот за определување мерки притвор против С.Б., Д.Г., А.С. и С.М. се прифаќа и на сите им се определува мерка притвор во траење од 30 дена. Мерката е определена заради постоење на основите од член 165 став 1 т. 1 и т.2 од ЗКП.

Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.

Богоев попладнето беше спроведен во Основниот кривичен суд во Скопје, каде беше изведен пред судија на претходна постапка, по барањето од Обвинителството за определување мерка притвор за него и уште три лица поради постоење на основано сомнение за злоупотреба на постапката за јавна набавка, за примање и давање поткуп.

Обвинителство соопшти дека постои основано сомнение дека во периодот од јули 2023 до март 2024 година осомничените ја изиграле постапката за доделување договори за јавна набавка за надворешно одржување хигиена на гранични премини и терминали, при што преку фаворизирање одреден економски оператор и ограничување на конкуренцијата му овозможиле на правниот субјект да стекне противправна имотна корист во износ од 18.479.692 денари.

Управата за финансиска полиција, претходно до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против Стефан Богоев во својство на службено лице – поранешен директор на Царинската управа, С. М. поранешен помошник-директор во Царинската управа, Д. Г., овластено лице во правно лице, А. С., вработено лице во правно лице, и против едно правно лице поради постоење основи за злоупотреба на јавна набавка, за примање и давање поткуп. Јавното обвинителство соопшти дека се обезбедени докази и оти за сите четири лица ќе се бара притвор.

Јавното обвинителство, претходно денеска информираше дека постапувајќи по кривична пријава поднесена од Управата за финансиска полиција, предметен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донел наредба за спроведување истражна постапка против четири лица – поранешен директор и поранешен помошник-директор на Царинската управа, управител на правен субјект и вработен во истиот субјект.

– На осомничените им се ставаат на товар кривичните дела злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, примање награда за противзаконито влијание и давање награда за противзаконито влијание. Постои основано сомнение дека во периодот од јули 2023 до март 2024 година осомничените ја изиграле постапката за доделување договори за јавна набавка за надворешно одржување хигиена на гранични премини и терминали, при што преку фаворизирање одреден економски оператор и ограничување на конкуренцијата му овозможиле на правниот субјект да стекне противправна имотна корист во износ од 18.479.692 денари – соопштија од ЈОРСМ.

Според обезбедените докази, првоосомничениот, користејќи ја својата службена положба и влијание како директор на Царинската управа, влијаел врз спроведувањето на тендерската постапка во корист на избраниот понудувач, а второосомничениот, во својство на помошник-директор, влијаел врз други економски оператори да не учествуваат во завршната фаза од постапката.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content