СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Македонија

Економската директорка на Токсикологија одби да зборува на МАКЕДОНСКИ, новинарите ИЗЛЕГОА од салата

Економската директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Иљази денеска пред новинарите се обрати на албански јазик, одбивајќи да зборува на македонски или пак тоа што го зборува да биде преведено. По овој нејзин настап, новинарите Македонци демонстративно ја напуштиле салата.

За новоназначената економска директорка на Клиниката за токсикологија веќе беше објавено дека не знае македонски јазик, па кога мора да соработува со колегите има преведувачи. Медиумите претходно објавија дека таа на работа доаѓа со својот татко кој постојано е со неа како да е нејзино обезбедување.

Инаку, Иљази не дозволува да се вработат двајца дипломирани биолози и еден болничар, а упорно бутка да се вработат 18 лица на кои им се истечени договорите за дело на 31.12.2023. Меѓу нив има и прекрасни лица, но има и лица кои немаат соодветно образование за тука, рече денеска д-р Нико Беќаровски, раководител на Одделението за интензивна нега на Клиниката.

Д-р Беќаровски заедно со уште пет докторки од Стручниот колегиум на Клиниката реагираа на односот и отпорот на економската директорка Иљази, која е поставена на 14 февруари, и за која рекоа дека им е кажано оти е дипломиран економист, но немаат видено документи ниту за образованието, ниту за познавање јазици.

По прес-конференцијата на лекарите, Иљази ги повика новинарите во сала. Кога дојде рече „здраво на сите“ и почна да зборува на албански јазик. Читаше документи, и кога новинарка ја праша дали ќе се обрати на македонски, таа рече нешто на албански јазик. Колегите од албанските редакции на новинарите Македонци и кажаа дека рекла „Не“, по што тие си заминаа.

Д-р Беќаровски говореше дека немаат притисок од неа, дека не ни може да има притисок кога нема комуникација, туку дека едноставно после секој состанок на стручните колегиуми таа не ги почитува договорите.

„Последниот состанок беше пред две и пол недели. Таа не знае македонски, јас пробав да комуницирам на англиски јазик, и не знам дали ме разбра. Сите разговори ѝ ги преведува друго лице, кое е меѓу тие 18 лица за кои таа инсистира да се вработат“, рече д-р Беќаровски.

Во моментов не функционира Токсиколошката лабораторија, докторите се снаоѓаат со тестови и со еден лаборант, и тие им се за нивна внатрешна употреба чисто да знаат за какво труење станува збор.

МИНИСТЕРОТ НАЈАВИ РАЗРЕШУВАЊЕ НА МЕДИЦИНСКИОТ ДИРЕКТОР

Министерот за здравство Илир Демири, пак, најави разрешување на медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија, д-р Данил Петровски, додека за економската директорка немал сознанија за прекршок.

На прашањето какво образование има Иљази, министерот рече дека има високо образование, но не знае какво. На реакција на новинарите дека таа денеска на прес-конференцијата на Клиниката зборуваше само на албански јазик без преведувач, тој рече ако е потребно, ќе даде изјава и на македонски.

„Беше потребно“, рекоа новинарите, а министерот рече дека е многу воздржан од изјави за целата ситуација.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content