СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Македонија

Во американскиот Сенат предложена резолуција за македонскиот јазик, култура и историја

Републиканскиот сенатор Мајк Брон претстави резолуција во американскиот Сенат, според која, септември 2023 година би се прогласил за месец на македонско-американско наследство во кој ќе се слават јазикот, историјата и културата на македонските Американци и нивниот придонес за Соединетите Американски Држави (САД). Во резолуцијата се наведува дека е важно да се истакнат бројните придонеси на македонските Американци во САД од различни области, почнувајќи од култура и уметност, до политика, бизнис, медицина, наука и спорт.

„Да се препознаат бројните придонеси на македонските Американци во САД во различни области и да ги поттикнат граѓаните на САД да го одбележат месецот на македонско-американско наследство со соодветни церемонии, активности и програми кои ги почитуваат културните придонеси и достигнувања на македонските Американци“,се вели во резолуцијата.

Во документот се наведува дека од 1880 година десетици илјади Македонци имигрирале во САД во потрага по граѓански слободи и права, верски слободи, подобри економски множности, но и како одговор на Илинденското востание против Отоманската империја, Балканските војни, Првата и Втората светска војна, Граѓанската војна во Грција и комунистичката политика на Југославија.Се додава дека денес, според проценките, низ САД има околу 500 илјади македонски доселеници населени во различни сојузни држави, главно во Мичиген, Њу Џерси, Њујорк, Охајо, Индијана, Илиноис, Пенсилванија, Флорида, Тексас, Аризона и Калифорнија.

„Овие македонски доселеници се населиле низ САД, придонесувајќи за нивните заедници на безброј начини како лојални граѓани. Македонско-американската заедница во Соединетите Држави е заедница која е вградена внатре во мозаикот на САД, учествувајќи во сите области од животот – бизнис, медицина, право, граѓански ангажман, технологија, војска, образование, уметност и многу повеќе“,се вели во текстот на резолуцијата.

Поединечно се нагласуваат успесите на македонските Американци во спортот, културата и медицината.Резолуцијата, како што објави „Гласот на Америка“, е по иницијатива на Обединетата македонска дијаспора (ОМД), а таа сега треба да биде одобрена од сенатскиот Комитет за правосудство, пред за неа да гласа целиот Сенат.

Пред повеќе од еден месец, германскиот парламент – Бундестагот донесе резолуција со која се дава поддршка за европската иднина на Северна Македонија, како и признание на македонската култура, идентитет и јазик. Бундестагот ја изгласа резолуцијата за поддршка на С Македонија – десничарската ЦДУ се изјасни „против“. Непосредно по вака усвоената резолуција од Бундестагот, Лилијана Танги, пратеничка во францускиот парламент, изјави дека француското Национално собрание е на добар пат да усвои резолуција за реафирмирање на македонскиот јазик на патот на Македонија кон Европската Унија.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content