СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Политика

Прва пленарна седница за унапредување на родовата еднаквост

Собранието денеска ќе ја одржи 107. седница, прва пленарна седница исклучиво посветена на унапредување на родовата еднаквост. Истовремено се одбележува и 20-годишнината од формирањето на Клубот на пратенички.

На дневен ред на оваа седница е Информацијата за напредокот за родовите прашања во последните две децении во Република Северна Македонија. Информацијата ќе ја презентира министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, а збор ќе земат и актуелни пратенички.

Како што информираат од собраниската прес-служба, на крајот од пленарната седница планирано е е да бидат донесени заклучоци. Седницата ќе се одржи во сала „Македонија“, а поради присуството на повеќе гости истата ќе биде следена и од салата „Голема купола“.

Од Собранието најавуваат дека како гости ќе присуствуваат министерките во Владата на Република Северна Македонија, заменик-министерки, претставници на дипломатскиот кор и на домашни и на меѓународни невладини организации, со акцент на НДИ, ОБСЕ и UN Women, кои континуирано соработуваат со Клубот на пратенички во Собранието, од формирањето во 2003 до денес.

Посочуваат дека покани за присуство се испратени и до поранешни министерки во Владата, како и до поранешните пратенички во периодот од 2003 година, односно почнувајќи од четвртиот состав на Собранието (2002 – 2006 година), заклучно со претходниот состав (2016-2020 година).

Во чест на јубилејот на Клуб на пратенички по завршувањето на пленарната седница во Кристална сала е планирана и пригодна свеченост на која ќе бидат доделени благодарници на поранешните претседателки на Клубот на пратенички, на организациите кои дале иницијатива и учествувале во основањето на Клубот и на неколку меѓународни организации.

На свечениот дел, како што потенцираат од собраниската прес-служба, покрај претседателот на Собранието Талат Џафери, ќе се обрати поранешната пратеничка Елеонора Петрова – Митевска, првата претседателка на Клубот на пратенички, а во име на сите добитници на благодарници ќе се обрати Цветанка Иванова, поранешна претседателка на Клубот на пратенички и актуелна генерална секретрака на Собранието. Благодарниците ќе ги додели актуелната претседателката на Клубот на пратенички, Лолита Ристова.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content