СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Економија

Ново поскапување на цигарите – пушачите веќе почнаа да трупаат залихи по „стара цена“

Како што се наближува „најозлогласениот“ датум за пушачите на цигари – 1 јули, така расте и љубопитноста кај граѓаните кои се интересираат за колку пари ќе поскапи тутунот и која ќе биде новата цена на нивните омилени цигари.

Познато е дека од 1 јули 2020 година, заклучно со 1 јули 2023 година, износот на специфичната и на минималната акциза на цигарите секоја година се зголемува за 0,20 денари по парче, а тоа значи дека и годинава ќе има ново поскапување на кутиите со цигари за најмалку 5 денари.

Според последните истражувања, околу 40 проценти од населението во земјава се пушачи, но и со последните поскапувања, Македонија има релативно најевтини цигари во регионот.

Во Хрватска, на пример, веќе нема цигари поевтини од 2,60 евра, а некои се продаваат и за 4 евра. Поскапување од 1,5 проценти на цигарите има и во Бугарија, па оние цигари коишто досега чинеа 2,50 евра, сега чинат 7 центи повеќе.

Експертите од оваа област прогнозираат дека тутунските производи ќе продолжат да поскапуваат поради воведените повисоки акцизни стапки кои стапија на сила на почетокот на март.

Дел од граѓаните со коишто разговаравме, инаку страствени пушачи, воопшто не го кријат незадоволството од новите поскапувања на цигарите.

-Се фатиле само за цигарите и секоја година ги поскапуваат. Па ова веќе нема смисла, го сотреа народот. Не може ние како сиромашна земја да ги следиме западните трендови и да набиваме високи цени на производите, а стандардот и платите да ни останат непроменети. Истото важи и за храната, и за козметиката, и за нафтените деривати, па и за цигарите. Уште од мали нозе пушам цигари и не планирам да ги откажам, без разлика на цената. Свесна сум дека е штетно, ама убаво ми е кога пушам цигара, ме смирува. Ако сакаат нека ги поскапат за 100 евра, ама јас пак ќе пушам – вели нервозно Лидија од скопско Ѓорче Петров.

Дебата за тоа дали треба да поскапуваат цигарите или не, се води и на социјалната мрежа Фејсбук, па читајќи ги коментарите од корисниците, налетавме на многумина граѓани кои делат исто мислење – дека поскапувањето е одлична мерка за откажување од цигарите.

-Цигарите се зависност, тие се отров. А во државава никој не води контрола кој може да купи цигари од трафика, па честопати купуваат и малолетни лица. Во секое основно училиште низ државава има голем процент на ученици кои веќе се зависни пушачи. А зошто е тоа така? Затоа што денеска нема да си купат јадење на голем одмор со паричките што им ги дале родителите, ама затоа ќе си купат кутија цигари. А тоа е така затоа што цените на цигарите сѐ уште се ниски и прифатливи дури и за џебот на најмалите. Потполно се согласувам и ја поддржувам иницијативата за поскапување на цигарите. Тие треба да претставуваат луксуз, а не секојдневие – коментира извесен Горан Апостоловски.

Македонија во моментов се наоѓа на 19-то место помеѓу 50-те светски лидери по производство на тутун, рангирани од Светската организација за храна и производство (ФАО).

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content