СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Политика

Блупринт групата за реформи во правосудството се повлекува од процесот за изработка нов кривичен законик

Блупринт групата на граѓански организации за реформи во правосудството се повлекува од понатамошно учество и давање придонес во процесот на изработка на новиот Кривичен Законик.

Тие сметаат дека нивното учество е беспредметно во постапка која како што велат „суштински го озаконува незаконитото.

Ивана Петковска од Коалицијата сите за правично судење нагласува дека последиците од донесувањето на измените на Кривичниот законик ќе ги почувствуваат сите граѓани и дека Блу принт групата не се согласува во намера преку намалените казни во Кривичниот законик да дојде до застареност на кривичното гонење, а преку Законот за конфискација во граѓанска постапка да се создаде привид дека ќе се одземе нелегално стекнатиот имот.

Од Министерството за правда велат дека за ниту една одредба не е вршено влијание кај претседателот или членовите.

– Во однос на ставот на БЛУПРИНТ сметаме дека не треба да се избрзува со постапките за предвремено излегување од работната група од причина што како што беше напоменато од страна на министерот за правда, Кренар Лога, работната група што го изготвува новиот Кривичен законик не учествувала во тие измени што се донесоа од страна на Собранието. Придонесот од граѓанскиот сектор е многу важен поради знаењето кое го има, долгогодишното искуство и вештините со кои располагаат, велат од Министерство за правда.

На 6 септември по брза постапка, со европско знаменце, власта предложи и донесе измени на Кривичниот законик во ставот 3 од членот 353 за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувања, каде беше предвидена затворска казна од најмалку три години, ако сторителот прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета. Со измената, казната е намалена на една до пет години затвор. Тоа значи дека предметите за злоупотреба на функцијата сега ќе застаруваат за само 10 години, бидејќи максималната казна за ова дело сега е само 5 години затвор.

Ставот 5, кој предвидуваше затворска казна од најмалку пет години ако делото е сторено при вршење јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот, од јавните фондови или од други средства на државата, со измените се брише и веќе не постои.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content