СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Земјоделие

Жени земјоделки, летуваат на зелено море

Ружа Јаневска од битолското село Бистрица често е на прилепскиот пазар. Сигурно е дека ќе ја видите барем во среда и во сабота. Во вторник и петок во Битола.

Ги нуди јаболката од својот овоштарник: златен делишес, ајдарет, сорти кои и не ги знаеме. Секогаш е подготвена да објасни. Со насмевка. Оти 40-ина години има 5-6 декари овоштарник. Како нејзино чедо е. Вели, ако не дојде на пазар, ништо не направила.

Пласманот ми е најбитен. И најтежок. Тешко е земјоделството. Од утро до вечер си по работа, и дома да погодиш, маж, деца, а сега и внуци. Зависиш од град, сонце, дожд, ветер. Се плашиш времето да не ти го расипе родот, да не измрзне, дали ќе се погоди годината. И така, секој ден, година за година. Ама без ова не можам, вели Јаневска, ги шири рацете и покажува на јаболката. Гордо како чеда.

 

На пазарот многу жени, нудат, продаваат компири, зелка, моркови, пашканат, целер, магдонос, црвен пипер, јаболка, круши, домати, пиперки. Сѐ што ти душа сака.

Жените-земјоделки, формално регистрирани или не, се столбот на производството, на домот, на семејните вредности. И во полето, на тутуноберење, и со кравите, со млекото и сирењето, со градинарските култури.

Каков е животот на жените-земјоделки, мачен и полн со обврски – сигурно. Се подобрило ли нешто или се незаменливите работнички во семејството.

Напорно, тешко, ама уште потешко и со повеќе обврски во пандемијата. Марина Тошеска на чело на асоцијацијата „Агро-лидер” ги следи состојбите, дел е од земјоделското производство, но ги засукала ракавите и да им помогне на „колешките”, земјоделки.

Во пандемијата, жените-земјоделки дополнително ги зголемија своите обврски: грижата за домот, за децата, зашто затворија училиштата, имаат поголема ангажираност околу земјоделските активности, но и недостапност до финансии, затворија локалните пазари, намалија приходите во семејството. Предизвици со кои се соочија жените во руралните средини, жените-земјоделки. Се надевам и сите се надеваме дека пандемијата ќе заврши што поскоро. Но, како држава треба да обрнеме посебно внимание на заштита на сите работници и најважно, во земјоделскиот сектор, и покрај сѐ, за жените-земјоделки, вели Тошеска.

Земјоделството е голема благородна работа. И овој свет за да биде одржлив, мора да има поголема поддршка на работниците од земјоделскиот сектор, да ги поддржи и жените- земјоделки. Тие пак, својсвено на жените, со мудри цитати, позајмени или не, ама вистинити: Овој свет не го позајмивме од нашите баби и дедовци, туку го позајмивме од нашите внуци и поколенијата.

Во регистерот во државава се запишани 171 000 земјоделски стопанства, од кои носители се 37 000 жени, а во пелагонискиот регион се околу 5 000. Според податоците за 2020 година, од 66 000 активни земјоделски стопанства кои аплицираат за субвенции, на 9 000 се жени-земјоделки. Ова е голема бројка каде вклученоста е формализирана. Но, голем дел од жените во земјоделскиот сектор не се пријавени како индивидуални земјоделки, не плаќаат пензиско и здравствено осигурување. Тоа е за да користат некои бенефити, а сепак, работат како семејни работнички и работат неплатено ангажирани во земјоделскиот сектор, во рамки на семејството. Рамо-до рамо е нивната важност со регистрираните земјоделки.

Што да се прави? Какви се состојбите, а какви треба да бидат?

Реално, во селата, сѐ уште најблизок медиум се радиото и блискиот сосед. Оттука доаѓа недоволната информираност. Пандемијата нѐ пречека неподготвени. Прво, немаше поддршка во земјоделскиот сектор, полека се поправаат работите, ама, до каде сме?

Потребна е поголема доследност и на мобилните тимови за информираност на земјоделците и поголема застапеност на теренот за мерките и програмите да допрат до земјоделците. Пандемијата нѐ пречека малку неподготвени и додека се мобилизиравме, помина време. Сега гледам дека информираноста е зголемена, има поддржување на мерките и веќе почнуваат да ги користат владините мерки. Добар беше ваучерот за користење летување. Но знаеме, земјоделците, во лето се најангажирани. Кое море, евентуално зеленото, во полето? Сметам дека треба да се насочиме на поинаква поддршка за нив. И финансиска и менторска поддршка за да може да го зачуваат своето производство, да обезбедат пласман. Да имаат моќност како да ги достават ресурсите, да се справат со затворањето на пазарите, со карантините. Не може да набават основни средства за работа, ја предочува ситуацијата Тошеска.

Од сѐ, најголем притисок создава проблемот да не може, голем дел жени-земјоделки, да користат платено породилно отсуство. Последното истражување на „Агролидер” е дека од 400 жени-земјоделки во Пелагониско, само 2 отсто имаат можност на платено породилно отсуство.

Особено голем предизвик за жените-регистрирани земјоделки е што немаат право на платено породилно отсуство. Тоа издвојува дека посебно се дискриминирани од другите жени работнички, без разлика дали во руралните или во урбаните средини. Иако ни плаќаат здравствено и пензиско осигурување, меѓутоа, за разлика од другите категории работнички, немаат право да користат платено породилно отсуство и платено боледување. А тука е и ситуацијата во Пелагониско со тутунопроизводството. Знаеме дека овие земјоделци не мора да се регистрираат. А жените-тутутнарки се постојано на нивата. Локалната акциона група „Агро-лидер”, со поддршка на Фондацијата отворено општество веќе гласно зборува дека сме во подготовка на предлог-мерки за да се овозможи платено породилно отсуство за жени-земјоделки. Направено е истражување во пелагонискиот регион дека во време на пандемија успеавме да разговараме со 400 жени-земјоделки, да видиме колку од нив успеале да искористат платено породилно отсуство. Процентот е поразителен. Само два отсто успеале да искористат платено породилно отсуство. Тоа дополнително ја отежнува работата на жената земјоделка, нејзиното тројно оптоварување, значи во репродуктивната, социјалната и во економската сфера, објаснува Марина Тошеска од „Агролидер”.

Размислувањата повторно ни се на пазарот, на потсетувањето на жените-тутунарки кои од зори до вчер се „со тутунот”. А на пазарот, скромно, ама упорно, жените ги нудат своите производи. Здрави, одгледани со љубов, со верба, со внимание и со желба да им удоволат на купувачите. Оти од тоа им зависи сѐ. И пак со насмевка, како овоштарката Ружа Јаневска од битолско Бистрица: Тешко е, ама така е. Еве, тука сум. Да понудам што сме произвеле. А довечер сум со децата, со внуците. Тоа го прави напорниот ден убав, среќен, надежен.

Прилеп, 9 март 2021 (МИА)

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content