МЗШВ ја објави нацрт верзијата на Националната Стратегија за земјоделство и рурален развој 2021-2027 година
Од денесака на веб страницата на Министерството за земјоделство и шумарство и водостопанство, јавно е достапна нацрт верзијата на Националната Стратегија за земјоделство и рурален развој за периодот 2021-2027 година. Како што наведува МЗШВ, ова е главниот долгорочен стратешки документ на кој се базира поставувањето и спроведувањето на целите, политиките и мерките за развој на земјоделството и руралните средини.
Национална стратегија за земјоделство и рурален развој за периодот 2021-2027 година го одразува континуитетот на државата за земјоделството поради неговото мултидимензионално значење и особено заради обезбедување на одржливост на руралните средини. Како потврда е позитивниот нагорен тренд на издвојувања во земјоделството и руралниот развој кој продолжува и во периодот после 2020 година и покрај негативното влијание предизвикано од глобалната КОВИД-19 пандемиска криза.
Стратегијата е трет по ред документ од овој тип кој на организиран и системски пристап ги дефинира политиките кои ќе се спроведуваат во претстојниот седумгодишен период, нудејќи одговори во справувањето со тековните и идни предизвици во производството на храната и управувањето со природните ресурси поврзани со земјоделството, како и генерално за животот во руралните средини.
Подготовката на стратегијата се базираше на широк институционален, аналитички и партиципативен процес. Со цел идентификување и проценка на приоритетните потреби за промени и подобрување на состојбата во секторот беше превземена сеопфатна аналитичка работа на ефектите и искуствата од спроведување на претходната национална стратегија, анализа на развојните трендови за период 2014-2020 година и моменталната состојба и SWOT анализа“ соопшти МЗШВ.
Врз основа на наодите, биле дефинирани три стратешки и девет специфични цели – Подобрувањето на конкурентноста и одржливост на приходот на земјоделските стопанства, примената на еколошките практики во производството кои водат кон намалување на влијанието на климатските промени и прилагодување кон истите, како и обезбедување на одржлив развој на руралните средини се генералните цели кон кои ќе се стреми секторот потпомогнат од страна на државата.
„ Според член 3 од Законот за земјоделство и рурален развој, целите ќе бидат постигнати преку мерките и инструментите на националната земјоделска политика за директни плаќања, уредување и поддршка на пазарите на земјоделски производи и рурален развој. Дополнително, целите ќе се реализираат и преку политиките за одржливо управување со природните ресурси, за безбедност на храната, како и политиките за унапредување на знаењето и иновациите во земјоделството“ се додава во извештајот.
Во целиот процес на подготовка, министерството извршило голем број на консултации со учесниците во секторот пред се организирани во рамките на постојаните подсекторски групи и други формални тела, со надлежни органи на државна управа, меѓународни институции и останати релевантни чинители.