СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Македонија

Повторно евтина дневна тарифа на струјата за домаќинствата

Домаќинствата почнувајќи од денеска во периодот од 13 до 15 часот повторно ќе имаат евтина дневна тарифа на струјата, со што вкупно 11 часа ќе имаат на располагање евтина електрична енергија во текот на едно деноноќие од понеделник до сабота и 24 часа во недела.

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) во декември 2021 година ја укина евтината дневна тарифа за домаќинствата заради цената на електричната енергија на берзите која се движеше од 300 до 400 евра за мегават час, а во текот на денот достигнуваше и до 500 и 600 евра па и повеќе. Сега, како што вели претседателот на РКЕ Марко Бислимоски, евтината дневна тарифа не се враќа заради политиката, туку заради фактот што цената на електричната енергија на пазарот во текот на денот, особено во периодот од март до ноември, е за два до три пати пониска отколку во текот на ноќта.

-Од денеска стартува дневната евтина тарифа за домаќинствата. Ќе важи од 13 до 15 часот. Оваа одлука е пазарен механизам затоа што преку ден цената за струја на берзите е до три пати поевтина отколку навечер и е практичен резултат на Елдорадото на фотоволтаици, изјави Бислимоски за МИА.

Кога имате зголемени производство преку ден, додаде, логично е цената на струјата да се намали во тој период.

-Во исто време е пазарен сигнал до домаќинствата, до ЕВН и до ЕСМ – купувајте на берза кога е поевтина од произведената за граѓаните да имаат евтина дневна тарифа, рече Бислимоски.

РКЕ неодамна донесе Тарифен систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај со кој се утврдува дека евтината дневна тарифа стартува од 1 декември 2023 година во периодот од 13 часот до 15 часот.

-Со воведување на дневната евтина тарифа домаќинствата ќе имаат на располагање вкупно 11 часа евтина електрична енергија во текот на едно деноноќие од понеделник до сабота и 24 часа во недела. РКЕ по направените анализи оцени дека се создадени услови домаќинствата да користат дополнителни часови во коишто надоместокот за потрошената електрична енергија ќе се пресметува по евтина тарифа. Податоците укажуваат дека инвестицискиот циклусот во обновливи извори на енергија го зголеми производството на електрична енергија со што директно се влијаеше врз намалување на цената преку ден, појасни Бислимоски.

Според него, денеска евтина дневна тарифа ќе добијат сите потрошувачи кои имаат броила што се читаат од далечина, а до крајот на месецов околу 90 проценти од домаќинствата. Проблем ќе бидат домаќинствата кај кои се недостапни броилата.

Подзаконските акти што ги донесе РКЕ, како што кажа, утврдуваат и нови рокови според кои енергетските компании од следната година ќе треба да ги достават своите барања најдоцна до 30 септември, а одлуките за новите тарифи ќе бидат соопштени најдоцна до 30 ноември и ќе бидат во сила од следната година.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content