Обвинителство: Фекалии од канал завршувале во водата за пиење во Гостивар

Основното јавно обвинителство Гостивар донесе Наредба за спроведување истражна постапка против три одговорни лица од ЈП „Комуналец“ – Гостивар, кои се осомничени за тешки дела против животната средина и загадување на водата за пиење.

Според соопштението на Обвинителството, осомничени се вршителката на должност директор на јавното претпријатие, техничкиот раководител на Секторот за технички работи и раководителот на Одделението за водовод, канализација и градежни работи.

Истрагата покажала дека на 25 јуни, двајца од осомничените им дале усна наредба на вработени да постават три потопни пумпи во канал со површинска вода во близина на преливната комора за вода за пиење, со образложение дека се врши тестирање на притисокот.

При полициски увид извршен на 16 јули, било утврдено дека две од пумпите сè уште работеле и преку потисни црева директно внесувале вода од отворен канал во затворената комора на водоснабдителниот систем. Според Обвинителството, станува збор за вода оптоварена со колиформни бактерии, која се мешала со водата за пиење и влегувала во главниот цевковод што ги снабдува Гостивар и дел од околните населени места.

По наредба на јавен обвинител, Институтот за јавно здравје извршил лабораториски анализи, кои, како што наведува ОЈО, потврдиле сериозна бактериолошка контаминација.

„Имајќи предвид дека настанатите промени од загадувањето не можат лесно да се отстранат, јавниот обвинител оцени дека се исполнети сите елементи кои даваат основано сомнение дека е сторено кривично дело ‘Тешки дела против животната средина и природата’ во врска со загадување на вода за пиење“, соопшти Основното јавно обвинителство.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content