Мицкоски: Судството нема да добие повеќе пари додека не испорача доверба, за случајот со водата во Гостивар ќе има одговорност
„Пари повеќе нема да добијат. Пари нема да добијат, иако се бара и во Законот за јавно обвинителство да се стави сума од 0,5 проценти од буџетот. Нема да добијат затоа што не ги заслужиле. Затоа што очекуваме дека правдата ќе ја донесат. Она коешто ние го овозможивме со овие измени е фактот дека сè што побараа во делот на вработувања, самостојност и така натаму, сè добија. Едноставно, пари повеќе нема. Ако некој мисли дека на овој начин ќе врши притисок врз Владата, нема тоа Владата да го прифати. Бидејќи независноста со пари не се обезбедува, туку се обезбедува со работа. Со работа, а не со допишување на работни саати и така натаму, дежурства и проценти“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Општина Дебрца.
Тој појасни дека извештајот е редовен извештај што го објавува ЕК за сите земји членки, а последните три години е и за дел од кандидатите. Станува збор за 2023, 24-та и 25-та година. Од кандидатите се анализирани четири земји, тоа се Македонија, Црна Гора, Албанија и Србија. Вели дека во него има пофалби, констатирани политики коишто испорачуваат, но и критики.
„Во него е констатиран притисок од страна на политичари кон судството. Кога зборуваме судството, мислиме и на обвинителството и на судството. Тоа е едно. Второ – имаме исто така констатиран факт дека требало повеќе пари да има за обвинителите и судиите. И трето – е критика за самите обвинители и судии, што е контрадикторно на втората забелешка. Така што, контрадикторни се тие два заклучока. Од една страна велат судскиот систем не испорачува, од друга страна Владата да даде повеќе пари. Тие две работи едно со друго не одат. Или ќе почнат да испорачуваат, па да добијат, или нема да добијат. Ете, вака накратко, тоа е мојот коментар“, нагласи Мицкоски.
Тој истакна дека ќе продолжи јавно да ги повикува судиите и обвинителите да испорачаат правда, а граѓаните, вели, се самите тие коишто констатираат дека немаме испорака на задоволително ниво од страна на правосудниот систем и тоа е општо позната констатација.
„Јас ќе продолжам во таа насока да испраќам пораки. Со сета политичка одговорност и ризик коишто ги имам, да -ќе продолжам сè додека не видиме напредок во испораката на правдата“, нагласи Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Дебрца.
Во врска со актуелната состојба во Гостивар, каде голем број граѓани се жалат на стомачни тегоби, нагласи дека се преземат сите мерки и оти ќе има одговорност за случајот.
„Во овој момент сите институции се на терен, се преземаат мерки, се испитуваат мостри од водата и имаме процес кој го води и Обвинителството. Мислам дека многу скоро ќе се излезе со информација за тоа што се случило, кој е тој што дал наредба тоа да се случи и – се разбира, дека ќе има одговорност“, истакна Мицкоски при денешната посета на Општина Дебaрца.
Потенцира дека за него е шокантно тоа што луѓе несовесно се однесуваат и повтори дека одговорност ќе има за случајот.
„Нема така да помине случајот. Јас навистина не можам да разберам некои луѓе како може така дрско и така несовесно да се однесуваат. Просто е неверојатно како така лесно ги прифаќаат овие работи и како се одлучуваат да прават такви работи. За мене, ово е сè шокантно и просто за неверување е сето ова што некој таму го направил. Но, ќе има одговорност, се разбира, и таа одговорност нормално понатаму во рамките на судски процеси ќе треба да се констатира“, рече премиерот Мицкоски.
