ВЛЕН обвини дека проектот за изградба на канализациска мрежа во Зајас, финансиран со средства од Европската Унија, е проследен со сериозни сомнежи за злоупотреби и побара институциите да ја прошират истрагата.
На прес-конференција, Дритон Сулејмани од ВЛЕН изјави дека јавноста сè уште нема одговор каде завршиле повеќе од 9 милиони евра европски средства наменети за проектот, кој, според него, требало да биде завршен во 2024 година.
„Баравме да се отвори секој договор, да се провери секоја исплата и да се утврди одговорноста на сите што биле вклучени во овој проект. Сега одговори не бара само ВЛЕН, туку и Европската Унија“, изјави Сулејмани.
Тој посочи дека амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, соопштил дека ЕУ прибира документација поврзана со проектот, поради што, како што рече, неопходно е да се утврди кој го пријавил проектот како завршен и врз основа на кои документи.
Од ВЛЕН тврдат дека случајот отвора сериозни сомнежи за корупција и потсетуваат дека ДУИ со години ја имала власта и во државата и во Општина Кичево, каде што требало да се реализира проектот.
Партијата побара Јавното обвинителство и Финансиската полиција да ја прошират истрагата и да соработуваат со европските институции за целосно расчистување на случајот.
