Во текот на ноќта помеѓу 14 и 15 јули 2026 година, засега непознат сторител или повеќе сторители оштетиле два вентили од јавната водоводна инсталација што ги снабдува со вода населените места Годивле и Кореница, со што било нарушено редовното водоснабдување на жителите.
За инцидентот информираше градоначалникот на Општина Кривогаштани, Игор Каравилоски, кој посочи дека случајот веднаш бил пријавен во Министерството за внатрешни работи, а надлежните служби извршиле увид на местото на настанот.
„Најостро го осудувам секој облик на уништување на јавната инфраструктура, особено кога со таквите постапки директно се загрозува нормалното функционирање и квалитетот на живот на граѓаните“, истакна Каравилоски.
Тој упати апел до Министерството за внатрешни работи да ги преземе сите неопходни мерки за што побрзо откривање на сторителот или сторителите и нивно санкционирање согласно одредбите од Кривичниот законик.
Од Општина Кривогаштани најавуваат дека ќе продолжат да соработуваат со сите надлежни институции со цел целосно расчистување на случајот и заштита на јавната инфраструктура, која, како што наведуваат, е сопственост на сите граѓани.
