Сиљановска-Давкова им подари традиционална галичка пафта на младенците на „Галичка свадба“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова присуствуваше на „Галичка свадба“, којашто и годинава се одржа под нејзино покровителство.

Во духот на вековната традиција, пречекана со домашна нафора и сол од најмладите галичани, претседателката проследи дел од свадбарските обичаи што со векови се пренесуваат низ мијачкиот крај, како еден од најавтентичните изрази на македонското културно наследство.

По венчавањето во храмот „Св. Петар и Павле“, таа им се придружи на младенците и свадбарите во традиционалното оро.

Честитајќи им го бракот на овогодинешните младенци, Мартина Михајлова и Александар Пендароски, таа им подари галичка пафта со мотив од традиционалната галичка носија која е симбол на плодноста и македонското свадбено богатство.

Сиљановска-Давкова им посака заедничкиот живот да им биде исполнет со љубов, доверба и меѓусебна почит, а домот со разбирање и детска смеа.

За неа, семејството е највозвишената човечка заедница, бракот е уметност на неможното, а децата неговото најголемо богатство.

Годинашната „Галичка свадба“ започна на 10 јули со традиционалното поставување на свадбарскиот бајрак и симболичното фрлање три пушки од куќата на зетот, со што беше означен почетокот на свадбените свечености.

Од година во година, манифестацијата привлекува сѐ повеќе посетители од земјата и од странство, останувајќи една од најпрепознатливите симболи на македонскиот културен идентитет.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content