Мицкоски: Силните јавни финансии се предуслов за инвестиции во образованието, здравството, инфраструктурата, безбедноста и севкупниот развој на општеството
Премиерот Христијан Мицкоски упати честитки по повод 25-годишнината од формирањето на Центарот за извонредност во финансиите, оценувајќи дека организацијата има значаен придонес во развојот на јавните финансии, професионалните капацитети и регионалната институционална соработка.
Во своето обраќање пред министри, гувернери, претставници на меѓународните институции и експерти, Мицкоски нагласи дека Центарот во изминатите две и пол децении прераснал во еден од најважните регионални центри за знаење и професионален развој.
Според него, јубилејот не претставува само одбележување на временски период, туку признание за мисијата на организацијата, која придонесува за создавање подобри институции, поефикасни политики и поодговорно управување со јавните ресурси.
Мицкоски посочи дека во услови на брзи глобални промени, комплексни економски текови и сè поголеми предизвици, знаењето и институционалниот капацитет стануваат најважниот капитал на секоја држава.
Тој истакна дека Центарот досега обучил десетици илјади професионалци, организирал илјадници настани и создал мрежа што ги поврзува институциите од регионот. Како негова најголема вредност ја издвои создадената култура на учење, размена на искуства и заедничко пронаоѓање решенија.
– Вистинскиот напредок не доаѓа само преку донесување закони и стратегии, туку преку создавање луѓе кои имаат знаење, интегритет и капацитет успешно да ги спроведуваат политиките – порача премиерот.
Мицкоски нагласи дека силните јавни финансии не се само економска категорија, туку темел на секоја успешна држава и предуслов за инвестиции во образованието, здравството, инфраструктурата, безбедноста и општествениот развој.
Тој порача дека Владата останува цврсто определена за градење стабилни, одговорни и транспарентни јавни финансии, при што секој денар од парите на граѓаните, како што рече, мора да биде управуван домаќински, отчетно и во интерес на јавноста.
Премиерот ја истакна и работата на министерката за финансии и нејзиниот тим, оценувајќи дека финансиската дисциплина и економскиот развој не се спротивставени цели, туку процеси што треба да се одвиваат паралелно.
