Во вторник второ пријавување во јуни за упис во средните училишта, слободни над 11 000 места

Учениците кои во првиот јунски рок не се запишаа во средно образование од учебната 2026/2027 ќе може да аплицираат на второто приојавување овој месец – во вторник, 23 јуни. Аплицирањето е електронски по што наредниот ден, 24 јуни, ќе се доставува потребната документација до училиштата.

Според роковите од Конкурсот на МОН, ранг-листа со резултати од запишувањето треба да биде објавена на 25 јуни до 12 часот на јавно место во училиштето и/или на училишната интернет-страница.

Во согласност со конкурсот предвидено е во училиштата каде што на ранг-листата има поголем број ученици со исти бодови да се организира квалификациско тестирање. За второто пријавување тоа ќе се организира на 29 јуни, а конечните ранг-листи со резултатите ќе бидат објавени истиот ден на тестирањето, на огласната табла на училиштето и/или на училишната интернет-страница.

Како што претходно информираше Министерството за образование и наука (МОН), за второто јунско пријавување за упис  има слободни места за 11 882 ученици, од кои 7404 се за настава на македонски  јазик, 4002 слободни места за настава на албански јазик, 456 за  турски  и 20 за настава на српски јазик.

Според податоците на МОН, на првото пријавување за упис во средните училишта, спроведено преку електронско аплицирање од 12 до 15 јуни и со доставување на потребната документација на 16 јуни и 17 јуни, пријавени биле 15 075 ученици, од кои се запишале  13 397 ученици.

Од вкупниот број запишани, 9813 ученици се запишани за настава на македонски јазик, 3357 ученици за настава на албански  јазик, 213 за настава на турски и 14 ученици за настава на српски јазик.

Според видот на образованието, во првото пријавување запишани се 3010 ученици во гимназиско образование за настава на македонски јазик, 1165 ученици во гимназиско образование за настава на албански  јазик, 89 ученици во гимназиско образование за настава на турски и 14 ученици во гимназиско образование за настава на српски јазик.

Во стручно образование за настава на македонски јазик  на првото пријавување во јуни се запишани 6653 ученици, за албански јазик 2133 ученици, за настава на турски јазик 124 ученици

Сто и педесет ученици се запишале во уметничко образование (музичка уметност) за настава на македонски  јазик, 59 ученици во уметничко образование (музичка уметност) за настава на албански  јазик. Ликовна уметност во уметничкото образование  е во процес на селекција.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content