Заедничка заложба за безбедна иднина на младите: Потпишана Декларација за спречување на насилството кај младите
Денеска, Министерството за социјална политика, демографија и млади, во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, организираше потпишување на Декларацијата за намери за спречување на насилството меѓу младите, со цел зголемување на безбедноста и активното учество на младите во Северна Македонија.
Пет министерства, заедно со партнерски институции, невладини организации и членови на Националната работна група за превенција на насилството кај младите, денес ја потпишаа Декларацијата за намери, со која се обврзуваат на поинтензивна соработка во спречувањето и справувањето со насилството меѓу младите.
Отворајќи го настанот, амбасадорот Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, ја нагласи потребата од подобро координирана превенција:
„Насилството кај младите не е низа на изолирани инциденти без вистинска причина. Потребно е заедничко разбирање и делување. Од сите нас: родители, наставници, врсници, социјални работници, органи на прогонот, правосудството и други. Декларацијата што се потпишува денес претставува заложба за навремено делување, за подобро слушање и поефикасно координирање, за младите да можат да живеат ослободени од страв и насилство.“
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, ја подвлече важноста од институционалното водство и координираност:
„Како Министерство за социјална политика, демографија и млади, ја презедовме одговорноста да го предводиме процесот на создавање на Националната работна група за превенција на насилството кај младите, првиот национален механизам кој системски и сеопфатно се занимава со ова прашање. Денешното потпишување на Декларацијата за намера претставува значаен чекор напред во нашата заедничка определба да изградиме побезбедна средина за секој млад човек во нашата држава. Нашата визија е јасна – општество во кое секој млад човек ќе се чувствува безбедно, почитувано и слушнато. Општество во кое различностите се почитуваат, конфликтите се решаваат преку дијалог, а насилството нема место ниту во училиштата, ниту на улиците, ниту во дигиталниот свет.“
Министерката за образование и наука Весна Јаневска рече дека низ годините наназад граден е механизам за справување со врсничкото насилство, кој особено во изминатите две е значително унапреден.
-Направивме законски измени согласно кои училиштата се должни во своите годишни програми за работа да планираат и програми за промоција на добросостојба на учениците, заштита од насилство, од злоупотреба и запуштање, спречување дискриминација, подобрување на комуникацијата и слични активности за подигнување на свеста за мирна и хармонична училишна средина во која ќе има меѓусебно разбирање и почитување. Ги зајакнавме стручните служби со ангажирање на кадар онаму каде недостигаше и со обуки за вештини зa превенирање насилство, а ги вративме дежурствата на наставниците за време на одморите во ходниците и во дворовите, рече Јаневска.
Потсети дека со приватниот сектор се подготвени прирачници за справување со врсничко и сајбер насилство, како и дека во собраниска процедура се законски измени кои предвидуваат парични казни за родителите и старателите на децата за кои ќе се утврди дека извршиле врсничко насилство во училиште.
