Муцунски од Истанбул: Силните политички односи мора да се преточат во уште посилна економска соработка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на Бизнис форумот помеѓу Република Турција и Република Македонија, кој се одржа во Истанбул.
Форумот беше отворен од министерот Муцунски и министерот за трговија на Република Турција, Омер Болат, а на него учествуваа бројни претставници на институциите, стопанските комори и бизнис-заедниците од двете земји.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека одличните политички односи меѓу двете земји претставуваат цврста основа за понатамошно продлабочување на економската соработка, зголемување на трговската размена и поттикнување на нови инвестиции.
-Силните политички односи мора да се преточат во уште посилна економска соработка, поголема трговска размена, повеќе инвестиции и поконкретни можности за компаниите и граѓаните на двете земји, истакна Муцунски.
Тој нагласи дека интегрирањето на надворешната трговија во рамки на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија претставува јасна потврда дека економската дипломатија е една од клучните приоритети на надворешната политика.
-Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е во нејзиното јадро. Денес дипломатијата не се мери само преку политички дијалог, туку и преку способноста да отвора пазари, да привлекува инвестиции, да го поддржува извозот и да создава конкретни придобивки за граѓаните, порача Муцунски.
Осврнувајќи се на економските односи меѓу двете земји, министерот потенцираше дека Турција останува еден од најзначајните економски и трговски партнери на државата, при што турските инвестиции и присуството на повеќе од 3.000 турски компании претставуваат значаен придонес за економскиот развој и отворањето нови работни места.
Тој посочи дека минатата година билатералната трговска размена достигна една милијарда американски долари, оценувајќи дека ова претставува значаен успех, но и дополнителен поттик за поставување поамбициозни цели во иднина.
Во обраќањето беше нагласена и потребата од натамошно зајакнување на директната соработка меѓу бизнис-заедниците, како и фокусирање на заеднички проекти во области со повисока додадена вредност, меѓу кои индустријата, информатичко-комуникациските технологии, логистиката, туризмот, агробизнисот, инфраструктурата и иновациите.
