Цветановски додава дека ЛДП отсекогаш била конструктивен партнер во сите процеси кои значат унапредување на демократијата и изборниот систем во Македонија и дека токму со таа цел, со добра волја и конкретни решенија, се вклучиле во работната група за измени на Изборниот законик.
„Меѓутоа, сведоци сме на игнорирање на прашањето за една изборна единица со отворени листи, кое е долгогодишно барање на ЛДП но и на граѓаните, а кое гарантира дека гласот на секој граѓанин ќе тежи исто и дека граѓаните ќе избираат личности, а не партиски послушници. Исто така, парадоксот со ‘високиот изборен праг’ – иако декларативно се согласуваат со моделот на една изборна единица, големите партии подмолно предлагаат неразумно висок изборен праг. Ова не е демократизација, ова е обид за елиминација на помалите партии и целосно затворање на политичкиот систем за нови, прогресивни идеи“, посочува Цветановски и додава дека ставот на ЛДП е дека нема да биде декор во ничии политички пазарења, ниту пак ќе даде легитимитет на процес кој наместо да ја унапредува, ја уназадува демократијата во државата.
Цветановски е дециден за тоа дека доколку дискусијата во работната група продолжи во овој правец, ЛДП не ја гледа потребата од своето понатамошно учество во неа.
„Ние не отстапуваме од принципите за фер, еднакви и отворени избори. Доколку големите партии сакаат да си донесат законик по сопствена мерка, ќе мора тоа да го направат сами, соочувајќи се со судот на граѓаните, но без наша поддршка“, вели Цветановски.
Министерството за правда пак, соопшти дека работната група за реформи во изборното законодавство денеска ја одржа седмата седница, на која биле разгледани и анализирани предлозите, мислењата и забелешките доставени од надлежните институции, политичките партии, граѓанските организации и другите засегнати страни во процесот на подготовка на измените на Изборниот законик.
„На седницата беше потврден досегашниот напредок во усогласувањето на законските решенија со препораките на ОБСЕ/ОДИХР, при што членовите на Работната група водеа интензивна и конструктивна расправа за повеќе прашања кои директно влијаат врз транспарентноста, интегритетот и кредибилитетот на изборниот процес“, пишува во соопштението од министерството.
Оттаму дополнуваат дека процесот се одвива во духот на дијалог, професионалност и заедничка одговорност за унапредување на демократските стандарди во државата.
Следната седница е закажана на 12 јуни по што законските измени ќе се финализираат и ќе се достават во понатамошна процедура.
