По јавната објава на Даскаловски дека поднесува оставка од функцијата, првата реакција стигна од поранешниот градоначалник на Струмица и критичар на актуелните политики на матичната партија, Костадин Костадинов.
„Првиот, но важен чекор е направен! Ја поздравувам одлуката за избор на нов претседател на СДСМ Струмица. Речиси цела година упорно укажував на грешките и говорев за потребата од реформи. Оваа одлука е сигнал дека гласот на оние кои бараат промени конечно можеби се слуша. Бастионот на социјалдемократијата има шанса да се консолидира! Нема повеќе време за чекање и калкулации. Време е за нова енергија на терен и враќање на довербата но и со програма на реална основа!“, напиша Костадинов на неговиот фејсбук профил.
Марјан Даскаловски е долгогодишен член и функционер на СДСМ во Струмица. Во повеќе мандати бил советник и претседател на Советот на Општина Струмица. До денеска беше претседател на Општинската организација на СДСМ во Струмица. Во јули 2025 година СДСМ официјално го промовираше Марјан Даскаловски за кандидат за градоначалник на Струмица на локалните избори. Во моментот на кандидатурата тој беше претседател на Советот на општината и претседател на локалната партиска организација.
