Гаши: Поставивме стабилни темели врз кои можеме да продолжиме да го градиме Собранието како дом за сите
Во периодот мај 2024 година – мај 2026 година биле одржани вкупно 196 седници, усвоени се 710 акти, одржани се 29 седници посветени на пратенички прашања, од кои 16 редовни, имало 212 билатерални и 48 мултилатерални активности, се наведува меѓу другото во извештајот, што беше презентиран денеска во Собранието.
„Отсекогаш сум верувал дека јавните функции не се мерат со моќта што ја даваат, туку со одговорноста којашто треба да ја сносиме на своите плеќи. А за мене, оваа должност не е само висока функција. Таа претставува голем товар на одговорност, возвишена мисија по својата светост, предизвикувачка по својата тежина, како и сериозна обврска кон очекувањата и довербата на граѓаните што ме избрале и на пратениците што ми го довериле раководењето. Затоа, ова не е свечена церемонија, туку израз на моето уверување дека секоја дадена доверба бара искрена отчетност за секоја одлука, секоја постапка и секоја минута посветена кон оваа мисија. Пред се претставува чин на одговорност, транспарентност и искрена почит кон вас, пратениците во ова Собрание, како и кон сите граѓани на Македонија. Во текот на овие две години, секое утро влегував во оваа институција со посветеност како тој ден да е мојата последна можност да направам нешто добро за неа, а секоја вечер размислував и планирав за неа како да ќе ѝ служам засекогаш“, рече Гаши пред присутните.
Иако, како што рече, еден извештај може да сумира емпириски податоци, бројки и споредби, активности и резултати, зад секоја бројка стои секојдневен напор Собранието да биде пофункционално, поотворено и поблиску до граѓаните.
„Живееме во време кога демократиите ширум светот се соочуваат со нови предизвици. Институционалната доверба секојдневно се тестира, а граѓаните бараат поголема одговорност, поголема транспарентност и повеќе достоинство во претставувањето. Токму во овој контекст, раководењето со Собранието бараше трпение, дијалог, визија и одговорност. Собранието е срцето на демократското одлучување. Тоа е местото каде што се судираат аргументите, каде што се градат компромиси и каде што се артикулира волјата на граѓаните. Поради тоа, во текот на овие две години се обидував секој ангажман да биде, пред сè, во функција на зајакнување на улогата на Собранието како централен институт на нашата демократија“, нагласи Гаши.
Тој рече дека во овој период Собранието било поактивно од кога било претходно на меѓународен план, преку парламентарната дипломатија, официјалните посети, средбите на високо ниво и учеството на најзначајните меѓупарламентарни форуми. Со тоа, додаде Гаши, ја зајакнавме позицијата на Собранието како доверлив партнер на меѓународната сцена и решително ги поддржавме стратешките приоритети на нашата држава: европската интеграција и евроатлантската соработка.
„Секако, подеднакво важна беше и нашата работа во рамките на оваа институција. Пленарните седници, дебатите, парламентарниот надзор, пратеничките прашања и интерпелациите не се само процедури. Тие се конкретен израз на демократијата и отчетноста. Преку редовната координација со пратеничките групи и Претседателството на Собранието, успеавме да создадеме поорганизиран и пофункционален ритам на парламентарниот живот“, рече Гаши.
Нагласи дека ниту еден институционален успех нема вредност без довербата на граѓаните.
„Затоа, како што беше наведено и во извештајот презентиран пред вас, инвестиравме во транспарентност, дигитализација и отворена комуникација. Го проширивме пристапот до информации, ја интензивиравме соработката со медиумите и го доближивме Собранието до граѓаните“, дополни Гаши.
Во ова двегодишно патување, како што посочи, уште појасно разбрал дека институциите не можат да бидат зајакнати од поединец, туку од луѓе кои веруваат во својата мисија.
„Во најтешките моменти, кога одговорноста, притисокот и времето се бореа едни со други, сфатив дека нашата задача не е да го бараме најлесниот пат, туку вистинскиот пат. Не оној што му служи на моментот или на субјектот, туку оној што му служи на интересот на државата“; нагласи Гаши.
Им се заблагодари на пратениците од сите пратенички групи, на Собраниската служба, на неговиот кабинет, на меѓународните партнери, на претставниците на медиумите и на секој граѓанин кој со своите критики, предлози и поддршка придонел Собранието да биде подобра институција.
Како што се наведува во извештајот во однос на пленарните седници, во периодот мај 2024 година – мај 2026 година биле одржани вкупно 196 седници, односно 50 пленарни седници во 2024 година, 101 во 2025 година и 44 пленарна седници од јануари до мај 2026 година. Темпото на парламентарната работа се оценува како релативно стабилно. За споредба, во периодот 2020 – 2024 година биле одржани 618 седници, но во оваа насока, помалиот број на седници може да се протолкува, се вели во извештајот, како резултат на консолидацијата на собраниската агенда и избегнувањето на долги или прекинати седници без конкретен епилог.
Во истиот период усвоени се 710 акти на значително помалку пленарни седници (192), во споредба со 984 акти на 618 седници во текот на мандатот 2020–2024 година. Ова укажува , се додава во извештајот, на значително поголема процедурална ефикасност, бидејќи бројот на акти усвоени по седница е поголем во последниот период.
Во овој период, механизмот за поставување пратенички прашања, се додава во документот, бил особено активен, што одразува појасна ориентација на Собранието кон зајакнување на надзорната функција над извршната власт.
„Кај пратеничките прашања се забележува многу значително зголемување: од само 12 прашања во 2024 година, на 99 во текот на 2025 година и до 196 прашања само во периодот јануари – мај 2026 година. Овој тренд укажува на значително интензивирање на употребата на овој парламентарен инструмент. Практично, само во првите пет месеци од 2026 година бројот на поставени пратенички прашања е двојно поголем од вкупниот број реализирани прашања во текот на целата 2025 година, што укажува на значително повисоко темпо на парламентарна активност и зголемен институционален притисок врз Владата за поголема транспарентност и отчетност“, се вели во извештајот.
Анализираниот период се одржале 29 седници посветени на пратенички прашања, од кои 16 редовни, кои се одржуваа секој последен четврток во месецот.
„Во меѓувреме, покрај нив, посебен елемент во овој период е воспоставувањето на нов механизам за надзор – пратенички прашања од опозицијата. Овој механизам, кој во исто време ја институционализира улогата на позицијата, почна да се спроведува за првпат во 2025 година. Досега се одржани 13 седници посветени на прашањата од опозицијата“, се додава во документот.
Во новиот парламентарен состав, покажува анализата, во текот на 2024 година има значително зголемување со шест интерпелации, додека во 2025 година достигнуваат осум, што претставува највисоко ниво во целиот период, во споредба со претходниот мандат на парламентарниот состав, каде што интерпелациите беа ограничени (само пет интерпелации во текот на целиот мандат).
„Инаку, можеме да кажеме дека имаме двојно зголемување на имплементацијата на механизмот за интерпелација во овој мандат. Ова зголемување го одразува зајакнувањето на надзорната улога на Собранието кон извршната власт“; се нагласува во извештајот.
Во периодот 2020–2024 година биле спроведени вкупно околу 226 билатерални активности, додека во периодот мај 2024 година – мај 2026 година беа спроведени 212 активности. Доколку овие бројки се нормализираат на годишна просечна основа, се вели во документот, во периодот 2020-2024 година имаме просечно 56 активности годишно, додека во периодот мај 2024 година – мај 2026 година просечно 106 активности годишно.
„Ова претставува зголемување на годишниот интензитет од околу 88 отсто и покажува дека парламентарната дипломатија во тековниот период е поактивна и поефикасна“, се наведува во анализата.
Во однос на мултилатералните активности се нагласува дека во периодот 2020–2024 година има околу 76 такви активности, додека периодот мај 2024 година – мај 2026 година вклучува 48.
„Доколку овие бројки се нормализираат на годишна просечна основа, во периодот 2020-2024 година имаме просечно 19 активности годишно, додека во периодот мај 2024 година – мај 2026 година просечно 24 активности годишно. Ова претставува зголемување на годишниот интензитет од околу 26 отсто. Ова сведочи за поинтензивна и посуштинска заложба на Собранието во мултилатералните форуми“, се вели меѓудрогото во двегодишниот извештај за работата на претедателот на Собранието, Африм Гаши.
На прашањето зошто на седницата не присустуваат преставници од опозицијата, Гаши посочи дека сите координатори на пратенички групи биле на координација кај него и оти тој ги поканил сите да присустуваат на настанот на кој ќе даде отчет за двегодишното работење. Додаде дека ова е заедничка работа и на власта и на опозицијата.
„Секогаш сум се трудел да бидам инклузивен во овој дел, но нивна е одлуката да не дојдат денеска тука. Јас ќе ја почитувам и таа одлука“, рече претседателот на Собранието Африм Гаши.
Гаши денеска ги повика сите пратеници да покажат конструктивност и заеднички да работат во насока на донесување на подобар закон за правична застапеност.
За најавите на опозицијата дека ќе го блокира законот, Гаши денеска одговарајќи на новинарски прашања, по презентацијата на извештајот за неговата двoгодишна работа, нагласи дека што се однесува до најавите на опозицијата, тоа е начин како може да се дојде до поквалитетен закон.
„Можеме да дебатираме, да поднесуваме амандмани, да предлагаме, да повикуваме, имаме свикано јавна дебата, ќе ги слушнеме експертите, правниците, ајде да го подобриме законот, а не да го блокираме, не е тоа начинот. Не можеме да останеме имуни на навиките од минатото. Ќе ни треба уште повеќе време за менување на политичката култура. Јас ги повикувам сите пратеници да работиме заедно за подобар закон, не за блокада, тоа не е начин како би дошле до посакуваната цел, но сепак, пратениците, вклучувајќи ги и опозициските можат да ги употребат сите легитимни алакти кои ги имаат на располагање“, рече Гаши.
Предлог на закон за соодветна и правична застапеност во прво читање е ставен на дневен ред на 104. седница на Собранието, в среда, на 10 јуни.
Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците минатата недела со девет гласови „за“ изгласа дека предлог на законот за соодветна и правична застапеност е прифатлив и проследен на понатамошно читање. Членовите на Комисијата, исто така, дадоа поддршка за одржување на јавна расправа по овој Предлог на закон.
Претходно Комитетот за односи меѓу заедниците со 11 гласа за и двајца против, изгласа предлог-законот за соодветна и правична застапеност да се носи со мал Бадентер, односно со мнозинство гласови од присутните пратеници и мнозинство гласови од припадниците што припаѓаат на немнозинските заедници. Пратениците од Европскиот фронт и Албанската лига сметаа дека законот треба да се носи со т.н. голем Бадентер (потребно мнозинство од вкупниот број пратеници што припаѓаат на немнозинските заедници), но нивниот предлог не беше поддржан од мнозинството.
Основната цел на предлог-законот за соодветна и правична застапеност е да обезбеди јасна, прецизна и применлива правна рамка за остварување на едно од темелните начела на уставниот поредок на земјата – соодветната и правична застапеност на граѓаните што припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции. Интенцијата е да се обезбеди доследна примена на овој принцип преку воспоставување јасни правила и механизми, кои ќе овозможат еднаков пристап до вработување и унапредување, како и фер и транспарентни постапки во јавниот сектор.
Воедно, се настојува да се постигне соодветен баланс помеѓу потребата од застапеност на припадниците на сите заедници во земјата, од една страна, и неопходноста од обезбедување на професионална, ефикасна и политички неутрална администрација, од друга. Законот е во прво читање и се носи во редовна постапка, а според најавите, пред да биде донесен за него треба да има јавна расправа.
МИА
The post Гаши: Поставивме стабилни темели врз кои можеме да продолжиме да го градиме Собранието како дом за сите appeared first on МКД.МК.
