Савески не очекува судењето за „Пулс“ да трае со години: Одговорноста е кај обвинителите што ги водат предметите

Републичкиот јавен обвинител Ненад Савески денеска на брифинг со новинарите порача дека јавните обвинители мора да постапуваат самостојно, без притисоци и со целосна одговорност за предметите што ги водат, нагласувајќи дека финансиските причини никогаш не смеат да бидат пречка за прибирање докази, но оти истрагите треба да се водат економично и ефикасно. Осврнувајќи се на предметот за пожарот во Кочани, тој рече дека не очекува постапката да трае со години и дека обвинителите веќе работат по план за нејзино ефикасно водење.

Говорејќи за работата на обвинителството, Савески истакна дека одговорноста е во обвинителите кои непосредно постапуваат по предметите и дека покрај секторот за односи со јавност, пред јавноста треба да одговараат токму оние јавни обвинители кои постапуваат по одредени предмети.

– Сметам дека е важно комуникацијата со јавноста да ја водат конкретните јавни обвинители кои постапуваат по предметите. Во минатото, често за сите предмети говореше јавниот обвинител на државата, но сметам дека посоодветно е тоа да го прават оние што директно постапуваат – рече Савески.

Во однос на постапката со поранешниот вицепремиер Артан Груби, тој вели секој јавен обвинител изготвува истражен план, во кој утврдува кои докази треба да се обезбедат. Савески нагласи дека постапката за него е сè уште во тек, се прибираат докази и истражни дејствија.

– Во овој момент не би навлегувал во конкретни предмети, бидејќи не е соодветно тие да се коментираат јавно додека се во тек. … Во однос на времетраењето на истрагите, законскиот рок е шест месеци, со можност за продолжување, доколку има потреба. Не постои прецизно мерило кога доказите се доволни, тоа е проценка на јавниот обвинител. Во однос на мерките за обезбедување присуство, јавниот обвинител може да предложи, но одлуката ја носи судот. Сакам да нагласам дека јавните обвинители мора да постапуваат самостојно и без притисоци. Моја обврска е да обезбедам услови за нивна независност и професионално работење – нагласи Савески.

Прашан за изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, дадена во предизборниот период, дека 80 кривични пријави биле чувани во фиока, Савески рече дека нема конкретни информации, меѓутоа, рече, по неговото доаѓање на чело на институцијата наложил контрола и надзор на старите предмети во сите обвинителства.

– Ниту барам ниту очекувам јавните обвинители да постапуваат по предмети затоа што некој ги прозвал. Дали тоа бил политичар или актуелен функционер, тоа воопшто не треба да биде начинот на кој ќе биде мотивиран јавниот обвинител да работи или да не работи по одреден предмет. Во однос на наводите за 80-те кривични пријави, навистина не знам кои се тие. Меѓутоа, по моето доаѓање на функцијата, наложив контрола и надзор на старите предмети во сите обвинителства – рече Савески.

На брифингот тој информираше дека, по преземените контроли во обвинителствата, првичните наоди покажуваат дека нема значителен број нерешени стари предмети.

– Прелиминарните информации покажуваат дека нема значителен број заостанати предмети, а најстарите предмети се веќе во напредна фаза на постапување – рече Савески.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content