Сиљановска-Давкова: Културната дипломатија успева да создаде многу потрајни мостови од конвенционалната
Конвенционалната дипломатија многу често зборува со јазикот на интересот и затоа зад нејзините прагматични цели лесно може да се појават сомнежот и поделбите. Културната дипломатија е ослободена од тој товар бидејќи не бара ништо за возврат. Таа единствено се обраќа на човечката душа и дух, создавајќи простор каде што се рушат стереотипите и предрасудите, истакна вечерва претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова во обраќањето во претседателската „Вила Водно“ каде што беа примени учесниците на претстојниот 4. Форум за културна дипломатија Скопје 2026, кој во наредните неколку дена ќе се одржува на тема „Од крстопати кон поврзувања: Културната дипломатија и иднината на глобалниот дијалог“.
Претседателката рече дека во време на геополитички ривалства и безмилосна трка за профит културната дипломатија може да изгледа речиси донкихотовски, како наивен сон на грст идеалисти во суров свет којшто се распаѓа.
-Но, сметам дека вистината е сосема поинаква. Токму во ваков свет на конфликти и во вакво време на страдања, културната дипломатија успева да создаде многу потрајни и подлабоки мостови отколку конвенционалната, традиционалната дипломатија, истакна Сиљановска-Давкова.
Во говорот таа зборуваше и за историското и културното наследство на Скопје, град кој, рече, низ вековите преживеал сè, но секојпат одново се раѓал благодарение на неуништливиот дух на неговите жители и на подадената рака од нивните соседи.
-Овој град е природно место да биде европска престолнина на културата за 2028 година, додаде Сиљановска-Давкова.
Форумот за културна дипломатија Скопје 2026 е организиран од Кабинетот на поранешниот претседател на Република Македонија Ѓорге Иванов, Меѓународниот центар Алијанса на цивилизациите од Скопје и Институтот за културна дипломатија од Берлин, со поддршка на Министерството за култура и туризам.
На приемот, насловен „Лидерството и културата како мостови меѓу цивилизациите“, се обратија и поранешниот претседател Ѓорге Иванов, директорот на Институтот за културна дипломатија од Берлин, Марк Донфрид, и претседателката на Националната комисија за УНЕСКО на Унгарија и Асоцијацијата на ОН на Унгарија, Каталин Анамарија Боѓај.
Претседателот Ѓорге Иванов ѝ врачи на Сиљановска-Давкова благодарница за нејзината поддршка на Форумот од неговите почетоци кога таа била пратеник во Собранието.
Иванов во својот говор порача дека треба да сме свесни за смислата и на тоа што се случува во светот, во кој, рече, ги имаме сите информации на дофат, а немаме знаење.
