Тошковски: Сулуда имагинација е дека МВР ќе шпионира ако се воведе паметен систем за жртвите на семејно насилство
Со еден ваков паметен систем, државата знае каде е жртвата во истиот момент, кои се најблиските полициски службеници што може да се упатат кон жртвата, каде е најбрзата здравствена услуга којашто може да биде дадена, каде е најбрзиот социјален одговор од страна на експерти коjшто може да биде даден и така натаму, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервју за 360 Степени за можноста за воведување паметен систем за жртви од семејно насилство.
Во однос на обвинувањата на СДСМ, кои тврдеа дека со ваквата идеја МВР планира да инсталира шпионски софтвер, Тошковски одговара дека опозицијата има „сулуда имагинација“.
-Ако жртвите на насилство се охрабрат да побараат помош, прашање е како државата најсоодветно да одговори – рече Тошковски за идејата за воведување дигитална алатка, преку која, при повик, полицијата ќе може да го преземе аудио и видеосигналот од телефонот од којшто се јавува жртвата. Таков паметен систем, додава тој, делумно функционира и сега, оти се снима разговорот при вртење на единствениот број за итни случаи 112.
-Една од идеите коишто ги видов практично на терен во Америка беше и еден таков паметен систем којшто делумно го имаме и сега. Односно и сега кога ќе се јавите на 112, ве известуваат „почитувани, разговорот се снима“ и навистина се снима и тоа утре-другиден се користи како доказ во постапка. Е сега, освен можноста да се сними разговорот на 112, со алатки коишто се лесно достапни до безбедносните органи и до, да речам државата, од аспект на ставање во функција на еден попаметен систем, да може да се снима и видеозаписот којшто би можеле да го направиме со секој еден мобилен телефон – рече министерот.
На прашањето дали тоа не е влегување во домот, Тошковски рече дека ако жртвата е загрозена, ако жртвата е во момент на нужна потреба од страна на институциите, правото на живот е посилно од правото на приватност.
-Јас сметам лично, на крајот на денот, правото е и тоа – да утврдите поголеми права согласно нивното општествено значење во рамки на едно здраво нормално општество – додаде тој.
За тоа како би се оневозможена злоупотребата Тошковски одговори дека и денес има снимање на 112, се снима гласот, се известува граѓанинот којшто ѕвони дека се снима неговиот глас и тоа се става во одреден доказен материјал во рамки на институциите.
-Ние говориме со согласност на жртвата. Само со согласност на жртвата – нагласи министерот.
Тој повтори дека откако жртвата ќе даде согласност, институцијата (МВР) ќе ја вклучи камерата.
