Г. Климент: Наша должност и обврска е заветот на браќата Кирил и Методиј да го посведочиме и предадеме на младите поколенија

Наша должност и обврска е заветот на светите браќа Кирил и Методиј и на нивните ученици да го посведичиме и предадеме со дела на младите поколенија, кои се нашата иднина и наследство, порача епископот Ераклејски, г. Климент на свечената акдемија што се одржа во црквата Света Софија во Охрид по повод Денот на сесловенските браќа Кирил и Методиј.

Говорот го пренесуваме во целост:

Имам особена чест и пријатна обврска да Ве поздравам и да Ви ги пренесам благословите од Архиепископ Охридски и Македонски г. г. Стефан, по повод свечениот настан „Од слово до вечност“. Блаженејшиот од благородни причини денес не е во можност да присуствува на овој празничен собор, но Неговите молитви се постојано присутни и остануваат со сите нас. Неговото Блаженство вчера во базиликата „Свети Климент“ во Рим отслужи молебен и ја принесе својата молитвена беседа за денешните славеници — светите Кирил и Методиј, со право нарекувани рамноапостолни просветители и учители.

Затоа дозволете ми денес, од Негово име, да Ви посакам топло добредојде во катедралниот храм на охридските и македонски архиепископи — „Света Софија“, кој всушност претставува средиште и срцевина на нашата света Македонска Православна Црква.

Токму под овие небоземни сводови на Божјата Премудрост се испишувала историјата на нашата древна Охридска Архиепископија. Низ бурни, но свештени времиња, таа успеала мајчински да ги прегрне и со еднаква духовна љубов да ги негува и подига своите духовни чеда, но и сите православни христијани, без разлика на нивната етничка припадност, политичка определба или културна традиција.

Животот овде, на овие македонски простори, каде што историските околности не секогаш биле наклонети кон нас и кон нашите стремежи, ни овозможил да созрееме како опитен народ со свој јазик и култура. Народ мирен, но не и наивен, свесен за сопствената единственост, неповторливост и одговорност пред лицето на Бога и пред светот. Тоа, пак, кај нас не предизвикало себедоволност и затвореност кон другиот, ниту надменост и гордост во нашиот народен хабитус, туку, сосема спротивно, ја развило длабоката свест и емпатија за меѓусебните релации и вековни врски со сите со кои го делиме просторот и заедничкото секојдневие.

Негувањето на етосот на соживот, на споделен живот, па дури и на живот принесен во полза на другиот, не е плод само на позитивните политички текови, ниту на развојот на човечката цивилизација со сиот нејзин раскрилен технолошки напредок. Етосот на заедништво, на почит и уважување кон различноста и уникатноста на секој човек и народ, непосредно и суштински е поврзан со Божјото делување во историјата, со влегувањето на Словото Божјо во времето и просторот, со Неговото спасоносно вочовечување, преку кое нам, на луѓето, ни се отвори патот за нашето вистинско ословесување.

Насловот на оваа свечена средба „Од слово до вечност“ пред нас ја отвора перспективата на сеќавањето на иднината, на потенцијалот, на бескрајот, на она одандестраното. Тоа, ќе се согласите, е подеднакво важно, а понекогаш и поважно од она што е овдешно, непостојано и променливо, и што со секој изминат миг сѐ повеќе се оддалечува во пределите на заборавот.

Нашите умни и искусни предци знаеле дека говорот е ништо без словесноста, дека историјата е јалова без вечноста, дека човекот е нецелосен без Бога. Затоа посакале да се ологосат — да станат дел од Божјото наследство на земјата, својот живот да го соединат со Словото Божјо и одовде литургиски да го благословуваат Царството Небесно, но не за да го ограничат географски, туку себеси да се рашират до недофатливите димензии на растот Христов.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content