Братислав ДИМИТРОВ
(Грешката дека сме премлади, можеме полека дури со годините да ја поправиме) Ј.Л.Хајберг
Горната поговорка звучи логично, само теоретски. Во пракса ситуацијата е поинаква, што значи очајна. Еден шеесетгодишен човек, најмногу го нервира друг шеесетогодишен човек. Го потсетува на сè што поминало и сè што нема да дојде. Доцна му е и за успех и за неуспех. Кога беше млад, сакаше да го промени светот. Сега сака само комшијата да ја намали музиката и да најде место за паркирање. А за качување на дудинката во дворот, мора да ги чека внуците. За да им брани качување на дудинката во дворот. Со домашното милениче, модел „пекинезер“ не смее да се замери. За да не си ја загрози својата тешко стекната трета позиција, во смејната хиерахија.
Се обидува повторно да се заљуби во сопругата, ама автомобилот е многу помлад. Гаражиран, редовно одржуван, металик боја, фелни, кожни седишта… и голема завист од комшиите. Добро, еве, да кажеме дека се заљубил. Неговата ташта смета дека нејзиниот зет требало да биде барем доктор Килдер или Ричард Чемберлен, а не Трпе од Драчево со барака после земјотресот. Никој не спомнува дека невестата од чеиз имаше две шустикли и бањарка, а од „мекани ствари“ само јорганче и перница. Мане Кант остро пресече: „Под хитно Итар Пејо да се забрани во нашите лектири!
Гледаш како типчето ставил раче на срце и се колне во сè што му е најмило, сосе македонскиот воздух. А после? После пу пу не важи! Taa итарпејовштина создаде менталитет на ербаплук и лукавост. Штетите се немерливи и продолжуваат. Истите луѓе кога им одговара се старомодни, а кога не, ептен се модерни. Во нашиов случај, само Трпе и јас најискрено го поддржуваме феминизмот. Сакаме да бидеме рамноправни со жените!
Што да прави човек кој има релација само од дома до работа и од работа до дома? Седнува во бифе кое го одбегнуваат и ликовите на Достоевски. Стуткан како пет пари во кесе, ги прави своите животни и спортски прогнози. Сите пропаѓаат, како коцките мраз во замаглената чашка со лажната вотка. Тогаш сфаќа дека животот му е потесен и од фармерките. Откако се откажа од цигарите, алхохолот, братот и кумот, реши да се откаже и од телефонот. Во тие години никој не му телефонира, а особено да му каже некоја радосна вест. А кога некогаш ќе му заѕвони, дава знаци на домашните дека не е тука. Формално-правно, тука е. Гледано филозофски, никаде го нема.
Македонија е земја на феномени, парадокси и загатки. Само тука има сиромашни родители со богати деца. Родителите немаат ништо, а децата имаат сè што ќе побараат. Ова е голема мистерија и за најголемите волшебници и алхемичари. Триковите на врвните маѓионичари изгледаат наивно, кога ќе се споредат со триковите на еден македонски татко.
Затоа еден професионален циник одамна напишал: „Кога ќе видам таков татко, постојано имам желба срдечно да му ја затресам раката, море ми доаѓа да го затресам и целиот татко. За да му честитам на неговата снаодливост и способност“.
Некогаш се носеше мантил шушкавец и транзистор. Оди човек со транзистор на рамото и каде и да оди, свири и шушка. Женските ги брануваа таинствените плисирани сукњи во „балетанки“, со чекори на кои им завидуваа и најграциозните газели. Бабите и дедовците раскажуваа народни приказни, митови и легенди, башка приспивни песни. Роднините и пријателите помагаа секогаш кога требаше да се помогне. Кучињата ги чуваа своите стопани, за разлика од денес кога е обратно.
