Адвокатот Туфегџиќ за Newsmax Balkans: Преширокото обвинение за „Пулс“ ја оддалечува правдата од вистинската одговорност
Трагедијата во „Пулс“ повторно го привлекува вниманието на регионалните медиуми, но сега дилемата е како правосудниот систем се справува со судење во кое обвинението повеќе личи на обид за општо расчистување со системски пропусти, отколку на прецизно утврдување индивидуална вина за конкретна трагедија. Поранешниот судија и адвокат Владимир Туфегџиќ за Newsmax Balkans укажува дека кога во еден предмет се ставаат луѓе од различни институции, функции и временски периоди, а дел од дејствијата што им се ставаат на товар се однесуваат на други објекти и други околности, постои сериозен ризик процесот да се претвори во правно растегната конструкција, наместо во пат кон вистинска одговорност.
Според Туфегџиќ, без преиспитување на обвиненијата не може да се очекува праведно и законито решение. Неговата позиција е дека трагедијата во „Пулс“ бара сериозна институционална и судска одговорност, но таа мора да биде прецизна, докажлива и поврзана со конкретниот настан. Во спротивно, постои ризик големиот предмет да стане премногу широк за да донесе јасна правда.
„Овој судски процес е процес кој треба да покаже колку сме зрели и колку сме одговорни. Сите ние сме на некој начин на испит. Независно дали се работи за веќе започнатиот голем предмет ‘Пулс’ или за предметот против полициските службеници, тој треба да донесе праведно, законито и рационално решение со кое ќе биде задоволена правдата“, посочува Туфегџиќ.
Туфегџиќ оценува дека се добива впечаток оти прво се одело кон отворање предмет „по секоја цена“, а потоа кон барање кој е виновен и кој треба да сноси одговорност.
„Мислам дека се тргнало прешироко во решавање на системските пропусти, а не во она што значи реална слика на денот на трагедијата и утврдување на факти кои се однесуваат на конкретниот настан. Доколку обвинителниот акт е преширок и ги опфаќа поранешните министри, функционери, градоначалници и инспектори, тоа е цела група на луѓе каде што е многу тешко да се утврди било каква одговорност поради временската дистанца од 10-12 години“, вели Туфегџиќ.
Таквиот пристап, како што оценува, го оддалечува процесот од суштинското прашање: кој со свое конкретно дејствие или пропуст придонел за трагичниот исход.
