Труење со јаглероден моноксид и термичко оштетување на дишните органи – главна причина за смрт кај починатите во „Пулс“
Директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков, на денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ во судницата во „Идризово“ изјави дека кај 33 жртви се пронајдени цијаниди во крвта, кај 49 имало присуство на алкохол, кај осум дрога и кај четири имало седативи и антидепресиви, но дека главна причина за смрт кај починатите лица врз основа на обдукциските наоди и токсиколошките анализи кај 59 починати лица на 16 март 2025 година се насилно задушување од труење со јаглероден моноксид, амбиентално задушување, компресивно задушување и термичко оштетување на дишните органи.
Кај другите четири лица што починаа како причини за смрт се изгорениците и оштетувањето на белите дробови.
– Јаглероден моноксид е најчест токсичен гас што се јавува при пожари во затворен простор. Тој многу бргу и добро ја исполнува просторијата и е доминантен причинител за смртта. Кога се дава причина за смрт, се дава основниот и доминантен причинител. Кај овие лица процесот на отпочнување на смртта е од јаглероден моноксид, но не можеме да ги исклучиме и другите дополнителни фактори. Доминантна причина е јаглероден моноксид, а потпомогнале и синергистички дејствувале топлиот воздух, чадот и вдишување цијанид, кои само го потпомогнале дејството на настапување на смртта – изјави Станков.
Водородниот цијанид, посочи Станков, само потпомогал, но труењето со јаглероден моноксид е главен причинител за смртта. Доколку водородниот цијанид бил главен причинител, тогаш и бројките, како што рече Станков, би биле многу поголеми.
Станков, на прашање од Обвинителството, на почетокот објасни дека Институтот за судска медицина бил вклучен на два начини – со наредби на Обвинителството биле извршени обдукции на жртвите со цел идентификација и утврдување на причините за смрт, а кај повредените во пожарот за утврдување на причините на повредите и нивна правна квалификација.
– Причината за смрт кај секоја од жртвите беше утврдена врз основа на надворешниот и внатрешниот наод од обдукциите, како и резултатите од токсиколошките испитувања – рече вештото лице.
Во писмените извештаи за извршените обдукции Станков посочи дека се содржани дел од токсиколошките наоди – јаглероден моноксид и алкохол, а во пасусот, каде што биле наведените резултатите, ставен е дел дека сите други резултатите ќе бидат дополнително доставени.
Причина за тоа, нагласи Станков, е што одредени токсиколошки анализи бараат подолг временски период за испитување, како и огромниот број примероци.
– Во однос на водородниот цијанид, потребна е прецизна метода затоа што на Институтот се инсталира нов апарат и по неговата инсталација и проверка за исправноста, беа направени овие анализи. Мора да напоменам дека токсиколошките анализи се работеа во континуитет и сите беа извршени врз основа на наредбите за обдукција на починатите – изјави Станков.
