Внимание: Критични точки на патот Дебар-Маврово поради одрони

Постојаните врнежи од дожд што траат од вчера попладне во дебарскиот регион предизвикаа серија помали, но чести одрони на повеќе патни правци, што дополнително ја отежнува сообраќајната слика во овој дел од државата. Надлежните служби апелираат до возачите на зголемена претпазливост и строго придржување до поставената сигнализација.

Од Јавното претпријатие задолжено за одржување на магистралните и регионалните патишта преку својата дебарска секција соопштуваат дека теренските екипи континуирано интервенираат на повеќе локации, каде што поради натопеното тло доаѓа до одронување на камења и земја. Според нив, ваквите појави се очекувани за дел од критичните планински делници.

„Се работи за мали, но повторливи одрони, а коловозите се влажни и лизгави, па затоа апелираме за максимална внимателност во возењето“, посочуваат од службата.

Под нивна надлежност се над 110 километри патна мрежа, меѓу кои правците Дебар – Маврово, Дебар – Струга, патот кон граничниот премин Блато, како и поврзувањата кон Мала Река и Центар Жупа. На терен се ангажирани екипи кои работат на постојано расчистување и обезбедување на патиштата со цел сообраќајот да се одвива без поголеми прекини.

Најизразени проблеми со одрони се забележуваат на делницата Дебар – Маврово, особено во реоните кај Рајчица, Косоврасти, Јанче и Ростушки Мост, како и во близина на Бигорскиот манастир. На патот кон Струга како најризична точка се издвојува локалитетот „Три чешми“.

И покрај предизвиците што ги носи врнежливото време за сообраќајот, од надлежните институции истакнуваат дека дождот има и позитивни ефекти. Се очекува подобрување на хидролошката состојба и зголемување на нивото на Дебарското Езеро, што директно придонесува и за стабилизирање на резервите на вода за хидроелектраната „Шпиље“.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content