Сиљановска-Давкова во посета на Турција, оствари средба со Ердоган

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Истанбул оствари билатерална средба со претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, на којашто беше констатирано дека македонско-турските односи се одликуваат со силно пријателство, доверба и континуирана меѓусебна поддршка.

Најпрво, претседателката изрази сочувство до претседателот Ердоган за жртвите во вчерашното пукање во средното училиште во Турција, посакувајќи побрзо закрепнување на настраданите.

-Турција секогаш била наш близок пријател и укажувала помош во најтешките моменти, како трагедијата во Кочани и се солидаризираме со турскиот народ, рече Сиљановска-Давкова.

На средбата со Ердоган, таа посочи дека преку своите институции и компании: од ТИКА, којашто имплементираше 1.320 проекти, до училиштата „Маариф“, Турскиот културен центар „Јунус Емре“, „Туркиш ерлајнс“, „Халкбанк“, Турција е присутна во многу области на македонското општество.

Во потпишувањето на Заедничката политичка декларација за формирање Совет за соработка на високо ниво, претседателите препознаваат можност за подинамична и поструктурирана билатерална соработка, што ќе резултира со одржување на прва меѓувладина седница.

Сиљановска-Давкова ја поздрави турската дипломатска иницијатива – Балканска мировна платформа, оценувајќи ја како важен инструмент за јакнење на регионалниот дијалог и стабилност.

Таа се заблагодари за долгогодишната поддршка од Турција во модернизацијата на македонската Армија.

Обајцата се согласија дека постои простор за зголемување на трговската размена и инвестициите и во најавениот бизнис-форум во Турција препознаваат одлична можност за унапредување на економската соработка.

На средбата се разговараше за статусот на турската заедница во општествениот и политичкиот живот низ призма на правичната и соодветна застапеност, како и за функционирањето на дел од образовните институции.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content