Д-р Џиковски за МИА: Не постои безбедно ниво на пушење, на Торакална годишно има oд 600 до 700 пациенти со рак на белите дробови, многумина во поодминат стадиум
Пушењето цигари предизвикува хронично оштетување на белите дробови и крвните садови, што доведува до појава на карцином, хронична опструктивна болест, спонтан пневмоторакс, артериосклероза, аневризми и каротидна стеноза, кои често доведуваат до потреба од хируршка интервенција. На Клиниката за торакална и васкуларна хирургија бројот на пациенти континуирано се зголемува, лани се третирани повеќе од 3.100, од кои приближно 150 главно пушачи со торакална хируршка интервенција, со доминантен карцином на белите дробови. Годишно има од 600 до 700 новодијагностицирани пациенти, главно пушачи, со карцином на белите дробови, а поголемиот број од нив се во поодминат стадиум на болеста и се упатуваат на Клиниката за радиотерапија и онкологија за натамошен третман – вели директорот на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија, д-р Игорче Џиковски, во интервју за МИА.
Тој советува целосно да се прекине со пушење што е можно побргу со цел да се избегне ризикот од појава на болести.
– За нас, од исклучителна важност е воведувањето национална скрининг-програма за рано откривање карцином на белите дробови. Раната детекција би овозможила значително зголемување на бројот на пациенти дијагностицирани во операбилен стадиум, што директно ќе придонесе за подобри хируршки исходи, намалување на морталитетот и подобрување на квалитетот на живот кај пациентите – истакнува д-р Џиковски.
По подолг временски период, кога веќе постојат структурни промени на крвните садови, како што се артериосклерозата, калцификати или аневризматски проширувања, потенцира докторот, оштетувањата се трајни и единствено може да се контролира нивната прогресија.
– Оттука, најважен фактор е прекинување со пушење што е можно порано. Дури и при мал број испушени цигари дневно, односно од една до пет, постои речиси двојно поголем ризик од кардиоваскуларни болести, како што е коронарната артериска болест. Дополнително, изложеноста на пасивно пушење исто така носи зголемен ризик и од кардиоваскуларни и од респираторни болести, особено кај деца и пациенти со коморбидитети, односно со веќе постојни ризик-фактори – вели д-р Џиковски.
Според него, најважен чекор за заштита на крвните садови е целосно прекинување со пушење. Тој ја нагласува неопходноста од редовните лекарски прегледи, контрола на ризик-факторите (како што се дијабетесот, високиот крвен притисок или липидите во крвта), здрава, балансирана исхрана и редовна физичка активност.
– Позитивните ефекти врз здравјето на крвните садови при прекинувањето со пушење се навистина значајни и бргу забележливи. Се смета дека на подолг рок, односно петнаесетина години по прекинувањето, ризикот од сериозни кардиоваскуларни болести е сличен како и кај непушачите – додава д-р Џиковски.
На Клиниката за торакална и васкуларна хирургија се прават хируршки интервенции на заболувања на градниот кош и на рвните садови, вклучувајќи и сложени кардиоваскуларни интервенции. Кои се најчестите дијагнози кај пушачи што имаат потреба од хируршки третман?
– Кај пушачите, поради хроничното оштетување и промените на белите дробови и крвните садови, најчесто се јавуваат: карцином на белите дробови, која е најчеста и најсериозна дијагноза, која често бара оперативен хируршки третман доколку стадиумот и типот на карцином го дозволуваат тоа, ХОББ (хронична опструктивна белодробна болест) со компликации, како булозна емфизма, што може да доведе до потреба од операција за делови од белодробието што не учествуваат во размена на гасовите, спонтан пневмоторакс – поради руптура на була кај пушачи, периферна артериска болест (артериосклероза) – со потреба од васкуларни реконструкции или бајпас, аневризми (особено на аортата) – проширување на крвните садови со ризик од руптура, каротидна стеноза, која носи ризик за мозочен удар, и други заболувања и понекогаш бараат хируршки третман. Пушењето ги оштетува и белите дробови и крвните садови, со секојдневното пушење се случуваат хронични промени на белите дробови и крвните садови, кои често доведуваат до потреба од хируршка интервенција.
