Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, во интервју за емисијата „Со факти”, емитувана на 08.04.2026 година на МРТ 1 одговори на повеќе актуелни теми поврзани со одлуките на Судот, положбата на судската и уставно-судската власт, Законот за употреба на јазиците, Колективниот договор за култура, уставната тужба, политичките притисоци врз Судот и реформите што, според него, се неопходни за зајакнување на институцијата.
Претседателот Костадиновски, упати јасна порака до јавноста во врска со Законот за употреба на јазиците за кој се води предмет во Судот, нагласувајќи дека неосновано се создаваат стравови и политички тензии околу ова прашање. Според него, Уставниот суд нема намера да ограничува права, туку напротив – да ги заштити и унапреди.
„Сакам да упатам еден апел бидејќи гледам премногу се манипулира со ова прашање. Никој нема да го чепне албанскиот јазик. Уставниот суд постои за да помогне во уставно-загарантираните права дали се јазични, дали се соодветна правична застапеност, да бидат заштитени а не да ги укине. Тие се уставна категорија така да не ги прифаќам никако тие квалификации дека некој сака да го укине да ја намали употребата или да го загрози албанскиот јазик апсолутно се неточни.“
Тој потенцира дека одлуките на Судот ќе имаат за цел да ја олеснат практичната примена на правата.
„Нашите одлуки можат само да ја олеснат примената на албанскиот јазик така што нашите согрѓани Албанци да бидат спокојни никој нема да го чепне албанскиот јазик“
Костадиновски посочи дека мислењето на Венецијанската комисија не треба да се толкува селективно, бидејќи содржи и пофалби, но и забелешки.
„Прво Венецијанската комисија кажува за разлика од законот од 2008 година…овој закон од 2018 година значително ја проширува употребата на албанскиот јазик, значително и тоа Венецијанската комисија вели дека тоа е за пофалба дури и вели се поздравува волјата на властите во Македонија за унапредување на јазикот на заедниците и тоа навистина за пофалба, но Венецијанската комисија вели одредени одредби во одредени области се оди предалеку“.
Зошто Уставниот суд ги поништи измените за платите на судиите?
Една од централните теми во интервјуто беше одлуката на Уставниот суд да го поништи законот со кој беа намалени коефицинетите за плати на судиите. Според Костадиновски, ваквото законско решение директно ја засега независноста на судската власт.
