Мицкоски: Инфлацијата се движи помеѓу 4 и 5 проценти, ребалансот на Буџетот ќе се носи еден месец порано
Премиерот Христијан Мицкоски, денеска од општина Илинден, одговарајќи на новинарски прашања за горивата, рече дека се исполнети се условите да се намалат акцизите за дизелот за 4 денари, а на бензините за 2 два денара по литар. За утре во 11 часот веќе е закажана седница на Владата за донесување на мерки за заштита од поскапувањето на горивата.
– Тоа ќе се одрази на Буџетот. Намалената акцииза, ќе влијае со десетици милиони евра на Буџетот, но во Буџетот има доволно средства, рече Мицкоски.
Најави дека за уште две недели ќе продолжи и мерката за намалено ДДВ за горивата од 10 проценти, а за понатаму, како што кажа, ќе се следи состојбата и ќе се реагира навреме.
Премиерот Христијан Мицкоски очекува инфлацијата во земјава да се движи меѓу 4 и 5 проценти, нагласувајќи дека владините мерки имаат за цел да спречат повторување на ценовниот шок од 2022 година.
Одговарајќи на новинарско прашање за разликите во цените на горивата и потребата од таргетирани економски мерки, Мицкоски истакна дека тековните политики се насочени кон контрола на инфлацијата и стабилизација на економијата.
Тој посочи дека според тековните анализи и дневните следења на пазарот, инфлацијата веќе се стабилизира.
– Врз основа на пресметките кои ги правиме, бидејќи следиме на дневна основа со Државниот пазарен инспекторат, очекуваме тука помеѓу 4 и 5%, рече Мицкоски.
Сепак рече дека според информациите кои ги има Владата, се очекува продолжена криза и мора да се подготвиме за тешка година.
– Министерството за финансии анализира дали може да се намали ДДВ од 5 на 0% за основните прехранбени производи, но мислам дека е подобар еден холистички пристап. Ги следиме процесите, имав состанок со директорката на Комисијата на заштита на конкуренцијата и новиот закон е готов, за 10 пати ќе ги зголемиме глобите, додаде премиерот.
