Јавниот обвинител Јован Цветановски повторно се враќа на работа во Вишото јавно обвинителство Скопје, откако Советот на јавни обвинители едногласно ја укина неговата суспензија. Одлуката е донесена по утврдени пропусти во постапувањето на првостепената дисциплинска комисија, а предметот против него е вратен на повторно разгледување.
Цветановски беше дел од постапката поврзана со бонусите исплатени во поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), поради што и беше суспендиран. Тој и претходно тврдеше дека суспензијата е резултат на притисоци и обид за дискредитација, бидејќи одбил да донесе, како што наведе, незаконска одлука.
Во изјава за МИА, Цветановски посочи дека сè уште нема добиено целосно решение за укинување на дисциплинската одлука, туку само за суспензијата, и очекува да се запознае со констатираните пропусти.
– Треба формално да ми биде доставено решението, за да видам кои се пропустите што се утврдени, па потоа да можам поконкретно да коментирам – изјави тој.
Тој нагласи дека во жалбата што ја поднел биле изнесени бројни аргументи кои, според него, не биле соодветно разгледани од првостепената комисија.
– Мојата жалба беше обемна, а комисијата не одговори ниту на мал дел од наводите. Очекувам новата дисциплинска комисија да посвети многу поголемо внимание, бидејќи станува збор за сериозни прашања – рече Цветановски.
