Јовевски: Потпишувањето на колективни договори во јавниот сектор е историски моментум, Македонија лидер во регионот во ова синдикално преговарање
Професорот по трудово право Лазар Јовевски смета дека потпишувањето на 60-те поединечни колективни договори со институции од јавниот и државниот сектор е историски моментум во оваа сфера, бидејќи, како што нагласува, спецификата е што на овој начин се навлегува многу подлабоко во однос на одредени прашања кои се поврзани, односно се од значење за самите вработени. На ваков начин, вели, има една лепеза на подобрени права кои се однесуваат на сите вработени, плус, како што вели, е круната на целиот процес, а тоа е покачувањето на платите, кое за околу две години треба да изнесува околу 42 – 43 проценти. Според него, ова е нешто што до сега се нема случено на ваков начин во држава Македонија, од осамостојувањето, па до денес.
Тоа што особено го радува, вели Јовевски во гостување на ТВ Њузмакс, е што на ова прашање му се пристапува системски и што се остава простор за зголемување на платите и во иднина, а не само еднократно. Така што, нагласува професорот Јовевски, ова нешто е поинакво и покажува дека Македонија е веќе лидер во колективното преговарање во јавниот сектор во регионот.
Додава дека гледано и од теоретско – правен аспект, не само од практичен, туку и од научен аспект, се гледаат чекорите, се гледа визијата, се гледа аспектот на тоа дека има план, стратегија и методика, начин како да се оствари одредената цел. Овие договори што ги направи Владата, смета Јовевски, треба да биде охрабрување и за самиот бизнис сектор, да седне да разговара со синдикатите и да види како може да се решат работите во овој сектор.
-Јас вообичаено не сум човек којшто сака да кажува силни зборови, но како професор по трудово право се радувам што сум современик и сведок на еден, би рекол, историски трудово правен моментум во нашата земја, целиот јавен сектор, односно сите административни службеници, вработени како административни службеници или државни службеници, попознати помеѓу граѓаните, да бидат опфатени со колективни договори и тоа не било какви колективни договори – вели професорот.
Појаснува дека претходно имало општ колективен договор за јавниот сектор, или грански, но, како што вели, сега има еден сосема нов моментум, една децентрализација на колективното преговарање на ниво на цел јавен сектор, каде што секоја институција во државата склучува поединечен колективен договор.
-Тоа значи колективен договор на ниво на работодавач, односно на самата институција, на самиот орган, на самото министерство. Од една страна е министерот, директорот, раководителот, зависно од самата институција како е внатрешно организирана, од друга страна е синдикатот или синдикатите, доколку постојат повеќе синдикати. Што е суштината, и што е спецификумот на ова преговарање на ова ниво? Спецификата е што на овој начин, всушност, се навлегува многу подлабоко во однос на одредени прашања коишто се поврзани, од значење за самите вработени, за самите административни службеници. Покрај прашањето за платите, коешто е секако основно и круцијално за секој вработен, па и за административните службеници, се допираат и прашања коишто се поврзани со годишните одмори, прашања со отсуствата, прашања со безбедноста и здравјето при работа, прашања поврзани со начинот на користењето на годишен одмор, со работното време. Се флексибилизира работното време, се отвора една нова можност за вработените, која што мислам дека особено добро беше примена од страна на синдикатите – вели професорот по трудово право.
На ваков начин, потенцира, се содава еден спректрум на подобрени права коишто се однесуваат на сите вработени во јавниот сектор.
-Плус на ова е круната на целиот процес, а тоа е покачувањето на платите, во кумулативна вредност од 42 до 43 проценти за две години, сметајќи од крај на март 2026 година, значи од пред некој ден, до 1 март 2028 година. Значи, ние во тој период од 24 месеци, буквално календарски две години, ќе имаме зголемување на платите на административните службеници од 42 до 43 проценти. Кога зборувам за 42 и 43 проценти, тоа значи дека зголемувањето оди номинално за секоја година седум проценти на платата, но е врзано со основицата на платата, плус зголемувањето и растот на минималната плата. И тоа потоа се зголемува за седум проценти. Пресметките се дека минималната плата во следните години, исто така како и оваа година, ќе расте негде околу шест проценти, сега е над шест. Така што оваа година веќе имаме речиси 14 проценти зголемување на основната плата на вработените. Значи, не се седум проценти, туку вкупно 14, двојни ако се земе предид и зголемувањето на минималната плата – смета Јовевски.
Ако тоа се стави во една прогресија за следната 2027 и за 2028 година, како што вели, ќе се види дека сега имаме 14 проценти, потоа во 2027 година ќе има 13 проценти, може и повеќе, но и во 2028 година, исто така, 13 проценти.
