Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска изјави дека изборот на јавен обвинител е доста битна работа и оти секој од пратениците што ќе сака на седницата в среда ќе може да зборува, а дискусијата ќе заврши кога ќе биде исцрпена листата на пријавени. На утрешната седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците е јавната расправа по предлог-законот за Јавното обвинителство.
– Јавната расправа за јавниот обвинител е утре во 12.30 часот. На седницата в среда ќе биде само таа точка, но утре ќе видиме дали некоја друга точка ги исполнува условите. Тоа е битна точка. Мислиме дека изборот на јавен обвинител е доста битна работа. Секој што ќе сака од пратениците ќе може да зборува на седницата. Седницата се води по член 120 од Деловникот, се пријавува сакој што сака да зборува и дискусијата тече додека да се исцрпи листата на пријавени – рече Гаши на денешниот бригинг со новинарите.
Одговарајќи на прашање за изјавата на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, Гаши нагласи дека секој носител на функција треба да биде внимателен во давањето изјави.
– Како политичар и како раководител на една битна институцијата, како што е Собранието, никогаш не влегувам и се обидувам да не влегувам во конфликт со никоја институција, ниту со политичар ниту со носител на јавна функција. Секогаш сум повикувал на внимателност во давање изјави, особено кога се работи за меѓуетнички односи. Сите треба да бидеме внимателни затоа што тие се фрагилни и се столб на стабилноста на оваа држава – рече тој.
Во врска со изјавата на Костадиновски, во која вели дека „Собранието е уставно недисциплиниран орган и затоа Уставниот суд повеќе нема да толерира непочитување на неговите одлуки“, Гаши потенцира дека законодавниот дом ја извршува функцијата по Устав, закон и Деловник.
Во врска со изјавата на Костадиновски, во која вели дека „Собранието е уставно недисциплиниран орган и затоа Уставниот суд повеќе нема да толерира непочитување на неговите одлуки“, Гаши потенцира дека законодавниот дом ја извршува функцијата по Устав, закон и Деловник.
Потенцира дека она што зависи од него го прави и ќе продолжи да го прави на најсовесен и најодговорен начин. – Кога се носи еден закон, тоа не зависи само од Собранието. На пример, Законот за електронските комуникации, Кривичниот законик, тоа се обемни и сложени закони, кои бараат експертиза и не зависи од Собранието кога ќе го донесе. Тоа зависи од низа институции, особено кои се врзани за Владата, каде што се ресорите. Кога ќе го донесе Владата или одредено Министерство предлог-законот, ние веднаш да не постапуваме во ред, ама јас ви тврдам дека сме биле експедитивни. Треба да се свати целата процедура како се носи еден закон, кој го предлага, како се крои еден закон, како се пишува, како се гласа итн. Кога би ја имале целата слика во предвид, тогаш би биле сите повнимателни за тоа што го зборуваме, рече Гаши.
Околу формирањето на анкетните комисии за Кочани и другите трагедии, Гаши изјави дека нема ништо ново и оти останува пратеничките групи да се организираат согласно Деловникот или да пратат состав до собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата и да почне со работа.
Претседателот на Собранието рече дека сите прашања коишто се однесуваат на изборниот процес треба да се отворат на состаноците на работната група формирана за Изборниот законик.
