Целосна дигитализација на здравствениот систем: Хартијата останува само резервно решение

Министерот за здравство, Азир Алиу, денес најави револуционерни измени во начинот на водење здравствена документација. Според предложените законски промени, сите медицински податоци – од рецепти и упати до извештаи и регистри – ќе бидат исклучиво дигитализирани, а хартиената документација ќе се користи само во исклучителни ситуации, како привремена мерка при технички прекин на системот.

Една од најголемите новини е воведувањето на Електронско здравствено досие за секој пациент, кое ќе служи како централен извор на сите здравствени информации. Преку него, граѓаните ќе имаат целосен преглед на своите прегледи, лабораториски резултати, рецепти, упати, па дури и телемедицински услуги. Достапноста ќе биде обезбедена преку електронски портал или мобилна апликација, со јасни правила за пристап на малолетни лица и можност за овластување на трето лице.

„Нашата визија е модерно, безбедно и интегрирано водење на здравствените податоци. Ова не само што ја зголемува транспарентноста, туку директно го подобрува квалитетот на здравствените услуги за пациентите“, нагласи Алиу. Според него, со новиот закон се надминуваат старите ограничувања во евиденцијата и се овозможува целосно електронско водење преку Националниот систем за електронски евиденции во здравството, познат како „Мој Термин“.

Законските измени исто така предвидуваат техничка и семантичка интероперабилност на сите здравствени информатички системи. Ова значи дека сите јавни и приватни здравствени установи ќе мора да користат системи усогласени со националниот стандард, со задолжително сертифицирање и евидентирање на секој пристап до податоците, со цел зголемување на безбедноста и транспарентноста.

За првпат, законот легализира и интеграција на телемедицината и мобилното здравство (mHealth) во националниот систем. Телемедицинските услуги ќе имаат еднаков правен статус како и физичките прегледи, а анонимизирани податоци ќе можат да се користат исклучиво за јавен интерес – за научни истражувања, статистика, образование и развој на здравствени политики. Секој обид за профилирање или економска штета на поединец е строго забранет.

Покрај тоа, законот предвидува централизација и интеграција на здравствените регистри, зајакнување на безбедносните стандарди и задолжително воспоставување системи за управување со информациска безбедност во здравствените установи, со обврска за пријавување на евентуални инциденти.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content