Меѓународниот Аеродром Скопје доби награда за квалитет на аеродромските услуги (ASQ) за 2025-та година за „Најпријатно аеродромско искуство во Европа“ од Меѓународниот совет на аеродроми (ACI).
Концесионерот ТАВ Македонија денеска соопшти дека наградата која скопскиот аеродром ја добива 11 пат е уште едно признание од патниците во заминување кои што ги пополнуваа анкетите за задоволство од квалитетот на аеродромските услуги, преку кои се мерат клучните индикатори како што се ефикасноста на пријавувањето на патници и багаж (чекирањето), безбедносната проверка, снаоѓањето низ аеродромот, како и целокупната леснотија при движење низ аеродромот.
– Признанието по 11-ти пат ја покажува конзистентноста на нашата оперативна извонредност и нашата постојана посветеност на квалитетни аеродромски услуги. Во 2025 година, исто така, достигнавме историски успех со тоа што услуживме рекордни над 3 милиони патници – што го прави ова достигнување уште позначајно.Оваа награда, целосно заснована врз повратните информации од патниците преку програмата за квалитет на аеродромските услуги, го потврдува нашиот стратешки фокус на ефикасност, сигурност и патничко искуство, вели во пишана изјава Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
